Охридското Eзеро неколку денови исфрла отпад. Екипите на „Охридски Комуналец“, се приправни на градскиот кеј. Тие постојано го чистат отпадот за кој велат дека е од дивите депонии по коритата на реките кои се влеваат во езерото. Еколозите предупредуваат дека отпадот е опасен за живиот свет во Езерото бидејќи содржи хемикалии кои влегуваат во синџирот на исхрана.
Депониите по коритата на реките завршија во езерото. Околу 40 метри кубни разновиден отпад, трска, шишиња, најлони, за само два дена е подигнат на потегот од Градското пристаниште до холандскиот парк. Количината на отпадот кој се најде на градскиот кеј е резултат на изливање односно високиот водостој на реките и речните корита, поради обилните врнежи на дожд и топењето на снегот од планините, вели Стефан Маслов раководителот на јавна хигиена во ЈП „Охридски Комуналец“.
„Не се работи за отпад кој бил наталожен на дното од езерото и сега е исфрлен на самото крајбрежје, се работи за нов отпад кој несовесните граѓани во текот на изминатата година го имаат фрлано во самите корита на реките и суводолиците. Во текот на вчерашниот ден целиот отпад беше подигнат, транспортиран и депониран на Буково исто така и во текот на денешниот ден имаме активности и имаме подигнато околу 10 метри кубни“.
Маслов кажа дека во расчистувањето на градскиот кеј помогнале од јавните претпријатија Водовод Охрид и Нискоградба, со отстапување на дел од механизацијата.
Отпадот кој деновиве го исфрла Охридското Езеро, претставува голема опасност за живите организми во езерото, бидејќи тој може да влезе во синџирот на исхрана, посебно хемикалиите со кои се натопени отпадните материи, предупредуваат охридските еколози. Ѓоко Зороски од ЕД „Грашница“ вели дека причина за тоа е ниската еколошка свест и лошиот начин на третман на собирање на отпадот посебно во околината на реките кои се влеваат во езерото.
„ Постои мал капацитет во однос на луѓе односно инспектори кои што го покриваат овој терен, бидејќи на територија на општина Охрид има само еден државен инспектор и еден локален за животна средина, што е премалку за град заштитен од УНЕСКО. Потребно е да се зголеми или бројот на инспекторите или бројот на редарите кои што би вршеле постојани патроли секојдневно по крајбрежјето како и по текот на сите реки кои се влеваат во езерото. Како дополнителна мерка добро е да се постават и камери кои би ги регистрирале несовесните граѓани кои што го депонираат отпадот“.
Зороски вели дека и покрај бројните кампањи свеста кај граѓаните расте со бавно темпо. Тој смета дека проблемот со езерскиот отпад е билатерален, бидејќи голем дел од него доаѓа и од реката Черава во Албанија и оттука смета дека за решение на овој проблем потребна е и албанската страна.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град