Охрид меѓу водечките градови во земјава по број на случаи на семејно насилство

Жената и понатаму претставува најазастапена жртва на семејно насилство. Од година во година расте бројот на жртви, а најчесто на удар се жените од ранливите категории кои се без работа и егзистенција. Од општина Охрид предлагаат во рамки на Локалната самоуправа да функционира интерсекторски оддел, а дополнително во соработка со Центарот за социјална работа да се залагаат за отварање на Шелтер центар бидејќи има потреба од тоа.

 |  Николоска Биљана  | 

Охрид меѓу водечките градови во земјава по број на случаи на семејно насилство. Последниве 4 години има тенденција на зголемување на семејното насилство и според податоците на Центарот за социјална работа, само изминатата година, над 200 жртви го пријавиле истото. Експертите по оваа проблематика сметаат дека тоа се должи на се поголемата развиеност на свеста на жената односно жртвата да го пријави насилството. Во текот на вчерашниот ден во Охрид се одржа трибина на тема. „Семејно насилство и насилство врз жената“. Претседателката на Советот, Живка Ангелоска истакна дека трибината имала две цели, презентација на Истанбулската конвенција како и актуелизација на проблемот со семејното насилство.

Во рамките на општината се има во план да се преземе интерсекторски оддел кој ќе работи на оваа проблематика секако во соработка на Комисијата за еднаквост на можностите. Секојдневно ние слушаме за семејно насилство и најчесто жртви се жените и децата. Можеби, поради корените кои се влечат од порано, од онаа историска нерамноправност во концентрацијата на моќта помеѓу мажите и жените, така да семејното насилство претставува и еден основен механизам кој што ја оддржува нерамноправноста меѓу мажите и жените и од друга страна поттикнува што поголема активност мотивирање на жената во општествено економскиот живот“.

Од невладиниот сектор потврдуваат дека се зголемува семејното насилство. Весна Цветаноска вели дека податоците се фрапантни, посебно за држава која што се стреми кон евро интегративните процеси.

„Сите фактори значително придонесуваат, најчесто невработеноста, социјалниот фактор и нашите сознанија се дека жртви на семејно насилство најчесто се жените од пониските социјални слоеви кои што немаат доволно едукација и разбирање за поимот и сеуште живеат во патријахатот и потчинети“.

Бројот на случаи на семејно насилство е многу поголем во нашиот град, посочуваат од охридската полиција. Од таму сметаат дека доколку сите што се жртви на семејно насилство го пријавуваат истото, бројот би бил поголем, но за жал жртвите од страв сеуште молчат и трпат. Од СВР Охрид информираат дека еден од начините да се превенира семејното насилство е жртвата да покрене постапка и да ја води до крај, односно да го потпише полицискиот записник. Заклучок од трибината е дека на градот му е потребен Шелтер центар за што и од Локалната и од Центарот ќе се залагаат за да профункционира едно вакво привремено прифатилиште на жртвите. Еден од заклучоците е дека во иднина ќе се иницираат други трибини на теми кои ќе покренат граѓните.

 

 

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top