Екипите на ЈП „Охридски Комуналец“ 24 часа се на терен. Го чистат снегот кој овие два дена наврна во градов. Од ова претпријатие велат дека се подготвени и за нови врнежи, но апелираат и до граѓаните да си ја исполнат својата должност и да си го исчистат снегот пред своите домови и деловни простори.
Снегот не ги изненади екипите на ЈП “Охридски Комуналец„. Директорот Љупчо Грданоски вели дека екипите од ова претпријатие во изминативе два дена 24 часа се на терен и го чистат снегот кој наврна. Патиштата се посипени со околу 100 кубици песок и ризла. Освен што се чистени улиците во централното градско подрачје интервенирано е и во околните села, а снегот се чистел и од тротоарите.
Отсечени места нема, но според категоријата на улиците најпрво реагиравме во стариот дел од градот и во населбата „Гоце Делчев“ бидејќи според местоположбата таму е и најкритично бидејќи улиците се многу стрмни, објаснува Грданоски.
Тешката механизација денес чистеше и во повисоките села како Рамне и Велестово, Коњско и Елшани. Ќе се чисти во секое населено место, но се повикува на трпение кај граѓаните, а и на нивна помош и соработка бидејќи со Законот за јавна чистота и тие се обврзани да си исчистат пред своите домови или пред своите деловни објекти. Досега не е напишана ниту една казна од страна на инспекторите, но се упатени поголем број опомени. Инаку, синооптичарите најавуваат нови врнежи од снег.
Подготвени сме, имаме средства, набавена е и сол и ризла, механизацијата и вработените се во приправност така што нема причина граѓаните да стравуваат од новите врнежи од снег кои се најавени уште за вечерва, вели Грданоски.
Ваквите временски неприлики ќе бидат застапени до четврток. Од петок синооптичарите најавуваат подобрување на времето и пораст на температурите, но и врнежи од дожд што пак ќе предизвика опасност од полави. На граѓаните им се препорачува овие денови доколку немаат потреба да не излегуваат од своите домови посебно оние повозрасните, поради можноста за повреди и скршеници. За среќа засега нема пријавени случаи во Општата болница или на Брза помош.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град