Загубата на техничка вода во Охрид е голема. Процентот на загуба е некаде околу 60% . Овој проблем е еден од погорливите проблеми кој години наназад се јавува во работењето на МЈП „Проаква“. Директорот на претпријатието тврди дека веќе почнале да работат на надминување на проблемот.
Загубите на вода во охридско струшкиот регион се големи. Тоа пред се се должи на застарениот цевковод, но одредени проблеми има и во новоизградениот систем. Проблемот со неприходната вода во водоснабдителните системи е еден од најголемите предизвици со кои се соочува МЈП „Проаква“, вели директорот Владимир Алексијоски. Тој посочува дека податокот за количината на неприходна вода од 50-60% во просек од произведената и внесена вода во водоснабдителните системи во Охрид е алармантен и јасно укажува на тоа дека неопходно е да се преземат итни мерки за намалување на неприходната вода.
„Процентот на загуба во моментот е доста голем и се надевам дека за брзо време ќе успееме да најдиме каде се нашата вода се губи. Сигурен сум дека тоа ќе го решиме, потребен е период, повеќе од броилата се заштитени. Се надевам дека за два месеци кога ќе запролети дека нема да имаме воопшто проблеми околу тоа“.
Алексијоски смета дека откривањето на скриените дефекти во интерните водоснабдителни системи доведува до значително намалување на потрошената количина вода, а тоа подразбира помали сметки за вода и заштеда на пари.
„Идејата наша во врска со ова прашање е да на почеток ние со нашите можности да извршиме една добра контрола на сите броила. Следно кога и финансиски ќе се закрепне претпријатието планираме да поставиме водомерни броила со далечинско управување и отчитување во тој момент кога ќе успееме ние тоа да го направиме верувам дека загубите ќе бидат драстично помали“
Сепак, генерално од Водовод Охрид, добро се запознаени со суштината на проблемот, но факт е дека сеуште немаат доволно финансиски средства целосно да го решат. Директорот појасни дека губитокот на вода, не само што го зголемува оперативниот трошок на претпријатието туку може да доведе и до проблеми во редовното водоснабдување на населението. Затоа смета дека со намалување на загубите на вода во водоводните системи и со нерационалната потрошувачка на вода, се доаѓа до значајни количини вода со кои може да се задоволат побарувањата за вода.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град