Роси ќе вози рели

Светскиот шампион во Мото ГП се надева дека еден ден ќе вози за Форд во СП во рели.

 |  Крсте Голабовски  | 
Valentino Rosi
Валентино Роси

Италијанецот Валентино Роси, најбрзиот маж на две тркала во светот, планира кариера на четири тркала кога ќе заврши со мотоциклизмот. Светскиот шампион во Мото ГП, кој потпиша нов двегодишен договор со Јамаха минатиот јули, изјави дека можеби во иднина ќе вози за Форд во Светскиот рели шампионат.

„Навистина се надевам дека ќе се префрлам на четири тркала“, вели тој пред трката за Големата награда на Јапонија претстојниот викенд во Мотеги, каде што си ја врати титулата минатата година. „Мислам дека е предоцна за Формула 1, но се надевам дека вториот дел од мојата кариера ќе биде со автомобил. Тоа отсекогаш била моја пасија. Пораснав покрај татко ми Грацијано, кој исто така возеше рели-возила, па се надевам дека кога ќе завршам со мотоциклите ќе продолжам уште десет години со автомобили“.

Шесткратниот првак во најсилната класа, втор на стартот од годинашната сезона во Катар, има тестирано за Ферари и потврди дека сериозно ја разгледувал можноста за преселба во Формула 1.

„Имав шанса да одам во Формула 1 на крајот на 2006“, вели Роси. „Разговарав доста со Ферари. Имав сериозен план да бидам тест-возач во 2007 и потоа да почнам да се тркам во 2008. Но, решив да останам во мотоциклизмот, што значеше крај за мене и Формула 1 заедно.

Триесетгодишникот возеше и во СП во рели, при што својот трет настап за Форд го имаше во декември на релито во Велс.

„Мислам дека СП во рели е главната опција“, вели тој. „Имам извонреден однос со Форд, па можеби ќе биде токму Форд. Ќе решам во летото 2010“.

Роси додава дека не го загубил апетитот за Мото ГП, целејќи на рекордот на сонародникот Џакомо Агостини од 122 победи во мотоциклистички трки во текот на 1960-тите и 1970-тите.

Valentino Rosi„Кога му се приближувате на Агостини, почнувате да размислувате“, изјави Роси, кој има 97 победи и вкупно осум светски титули зад своето име, вклучувајќи ги и тие во класите до 125 и до 250 кубни сантиметри. „Засега сум на 25 победи од него. Тоа значи дека ако сакам да го стигнам ќе морам да продолжам да се тркам и по овие две години. Ќе решам в година“.

Роси, кој има 71 победа во најсилната дивизија, додава: „Никогаш не се тркам за рекорди. Мотивот да се обидеш да урнеш рекорд не е доволен за да продолжиш. Треба да уживаш во тоа“.

Наречен „доктор“ од навивачите во знак на почит, тој со нетрпение го очекува Јапонското гран-при викендот откако заврши веднаш зад Австралиецот Кејси Стоунер во Катар. Италијанецот нагласува дека неговото ривалство со Стоунер, кој ја освои титулата во Мото ГП во 2007, му помогнало да ја задржи гладта за спортот во кој доминираше со Хонда, а потоа и со Јамаха од 2001 година наваму.

 

„Стоунер ја претставува новата генерација“, објаснува Роси. „Секогаш е тешко да ги задржиш концентрацијата и мотивацијата, но тежок ривал како Кејси е голем мотив. Изгледа дека јас и Стоунер сме најбрзи возачи во моментов. Со него секогаш е тешко, но моја голема опсесија е да го ’бркам‘ мотоциклот до лимитот. Сега го имам истото чувство како во мојата прва трка. Кога нема да уживам во тоа, ќе биде време да запрам“.

Роси има неколку познати блиски средби со своите ривали во минатото, од кои најпозната е таа со Макс Бјаџи, која кулминира со тепачка меѓу нив по трката во Барселона 2001.

„Повеќето од битките со Макс беа надвор од патеката“, се потсетува Роси со горчина. „Бевме прилично различни. Тешко е кога се борите за иста работа, бидејќи може да има само еден победник. Сите ги сакаат таквите битки. Големите битки со вашите најголеми ривали секогаш даваат најголема мотивација. Кога ќе победите лесно, чувството не е тоа. Беше забавно. Со големо задоволство се сеќавам на годините со Бјаџи“.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top