Охридските угостители незадоволни од новите тарифи за поставување урбана опрема

Охридските угостители незадоволни од новите тарифи за поставување урбана опрема кој е ставен во предлог одлуката која треба да се разгледува на нареднава седница на совет. Тие ќе треба да плаќаат речиси двојно повеќе од тоа што досега плаќале за поставување столици и маси пред своите објекти. Од Здружението бараат да се најде некое решение на задоволство на сите засегнати страни, вклучувајќи ја и Општината.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Поставувањето урбана опрема многу ќе ги чини угостителите. Советот на Општина Охрид даде предлог одлука за воведување нови тарифи за поставување урбана опрема со што угостителите и сите оние кои ќе сакаат да постават урбана опрема ќе треба да плаќаат за 60% повеќе средства од тоа што било досега. Ова предизвика негодување кај еснафот поради што испратиле и допис до локалната во кој ги наведуваат сите пропусти во оваа предлог одлука, како и негативниот ефект што ќе ја има истата доколку се донесе во таа форма. Од охридскиот еснаф на угостители покрај тоа што реагираат на висината на надоместокот за користење простор за поставување маси и столици, велат дека нејасно е и тоа што во предлог одлуката е наведена „почетна” цена, нешто кое индицира дека за истата може да се лицитира. Реагираат и на тоа што се бара договорите да се склучуваат еднаш годишно, што пак може да се протолкува дека секој угостителски субјект однапред треба да знае и да процени до кога и како ќе работи, па согласно таа проекција да поднесе барање за поставување урбана опрема, бидејќи ќе нема можност за продолжување на договорот. Многу нејасен е и начинот на плаќање, велат угостителите.

Досега во неколку наврати сме ургирале до претходните состави на Советот дека авансното плаќање за стекнување со дозвола за поставување урбана опрема не е поткрепено со некаква законска регулатива, туку се спроведува како натурена практика, но ништо не се презеде. Затоа потенцираме дека има многу нејаснотии во оваа предлог одлука и би биле среќни кога би се изнашло едно заедничко решение, вели Михаил Мишев претседател на здружението „Охридски еснаф“.

За угостителите дополнителна компликација во одлучувањето за колкав период да го земат во закуп просторот пред објектот е и фактот што не е извесен исходот на нивниот предлог за измена на Законот за пушење, кој во моментов е во собраниска процедура.

Причина за закупување на простор во зимскиот период не е обемот на работа, туку можноста барем во еден засебен дел да биде дозволено пушењето. Од ова произлегува дека закупот би бил бесмислен доколку не се измени цитираниот Закон. Затоа неминовно е да се разгледаат сите аспекти пред да се донесе една ваква одлука која може да направи многу штета за нашиот еснаф, вели Мишев.

Од Здружението бараат преку работен состанок или јавна трибина со нивните членови да се дојде до решение кое ќе се имплементира во пракса на подолг рок, и тоа на задоволство на сите засегнати страни, вклучувајќи ја и Општината. За таа цел тие излегоа со барање да се стопира оваа предлог одлука пред закажаната седница на Совет.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top