Најдобрите приказни во 2017 година наградени од порталот OhridNews

Одржана четвртата годишна ревија на настани и доделувањето на признанијата на најдобрите приказни во 2017 година во организација на интернет порталот OhridNews. Во годишната ревија на настани хронолошки се поместени над 10 000 најзначјните збиднувања во Охрид во 2017 година. На најуспешните им беа доделени и награди.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Синоќа беше одржана годишната ревија на настани и доделувањето на признанијата на најдобрите приказни во 2017 година во организација на OhridNews. Голем број гости, меѓу кои и бројни јавни личности, градоначалникот на општина Охрид Јован Стојаноски, претседателката на Советот Живка Ангелоска, деловни партнери и пријатели, присуствуваа на промоцијата на коктелот што се одржа во „Куба Либре“.

Медиумите се одраз на состојбите во општеството. Какво општество, такви медиуми. Новинарското перо одамна е истапено, квалитетот на информациите кои се пласираат во морето вести крајно сомнителен и оптоварен со сензационализам, непрофесионализам, необјективност, сервилност и авто цензура. Во една таква состојба OhridNews и натаму се труди да опстои на темелите кои цврсто ги постави пред 11 години – да биде деконтаминирана зона каде ќе се пласираат проверени информации, да остане оригинален и препознатлив и да работи во интерес на објективно информирање на граѓаните, рече во обраќањето главниот и одговорен уредник на OhridNews, Горан Момироски.

Во годишната ревија на настани хронолошки се поместени над 10 000 најзначјни збиднувања во Охрид во 2017 година. Хуманитарниот хепенинг „Сите играме за Јане“ е прогласен за хуман настан на година во Охрид за 2017 година во изборот на редакцијата на OhridNews. На свеченоста благодарност им беше искажана на хуманите активисти Гордана Лолеска, Ивана Маховска Шикалеска, Влатко Стојкоски, Наум Јанкулоски и фудбалската школа Топ Тим, општина Охрид и другите помагатели, ракометните ветеранки, РК Лихнид, лајанс клубот Лихнидос, на медиумите и на активистите на Здружението „Живот со предизвици“ за организацијата и помошта во реализацијата на настанот за подршка на малиот Јане Велковски кому му е дијагностицирана спинална мускулна атрофија и за поддршката на лицата со ретки болести.

Благодарам на сите што го поддржаа овој настан кој вроди со плод. Вчерашната вест за ставањето на лекот на „Спинраза“ во регистарот на лекови за ретки болести во Република Македонија одекна насекаде и не направи премногу среќни и горди. Ние бевме само едно мало делче што му помогна на семејството на Јане како и на другите деца со ретки болести, посебно на тие со спинална мускулна атрофија наскоро да го добијат лекот, истакна Гордана Лолеска, активист на здружението „Живот со предизвици“.

Свое обраќање до присутните со видео порака имаше и малиот, но голем борец Јане Велковски. За спортски настан во Охрид за 2017 година во изборот на OhridNews беше прогласена манифестацијата „ОХРИД ТРЧАТ“ во организација на Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите, сите за спорт“.

Минатата година навистина како што кажавте беше турболентна, а ние одлучивме да отпочнеме една нова традиција која ќе понуди нешто ново за Охрид. Тоа ни е целта 365 дена да имаме нешто ново во спортот во Охрид, рече Иван Цветкоски од Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите, сите за спорт“.

Агенцијата „Вис Пој“ која изминатата година одбележа 15 години од основањето, беше прогласена за „Туристичка приказна на годината“.

Ова е едно од подрагите признанија кои ги добиваме и е потврда за нашата работа. Сакам да се заблагодарам на сите деловни партнери и на сите кои не поддржуваат овие години, истакна сопственикот на ТА „Вис Пој“ Олег Маленко.

Признание ОhridNews му додели и на АД „Галеб Охрид“ за нејпрепознатлив транспортен бренд кај нас, кој во 2017 година одбележа 70 години успешна работа.

OhridNews се кажа за Галеб и за нашиот јубилеј – 70 години од постоењето. Ви пожелувам на сите среќна Нова година, успех и среќа во 2018 година, рече генералниот директор на АД „Галеб“ Охрид Љупчо Василески.

Издавањето на Годишната ревија на настани која бесплатно ќе биде дистрибуирана до читателите, го помогнаа голем број спонзори и општествено одговорни фирми од градов.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top