Стружани веќе нема да имаат проблем околу водоснабдувањето и заматеноста на водата при пообилни врнежи од дожд. Од МЈП Проаква најавуваат градежни работи на каптажата кај Шум со што ќе се решат овие проблеми. Во Охрид состојбата со водоснабдувањето е под контрола.
Во текот на оваа година ќе се реши еден горлив проблем на стружани. МЈП „Проаква“ најавува поголеми градежни зафати на водоводниот систем во Струга. Со тоа ќе се подобри опфатноста на каптажата кај Шум со што стружани ќе имаат доволно количество вода за пиење, а ќе се реши и проблемот со заматеноста на водата при пообилни врнежи од дожд
Искрено се надевам дека проблемот нема да се повтори. А поголема санација на каптажата ќе се направи кога ќе дозволат временските услови така што овој проблем нема да се повтори. Ние се што треба ќе направиме од наша страна, вели Владимир Алексијоски, директор на МЈП „Проаква“.
Алексијоски кажува дека состојбата со водоснабдувањето во Охрид е под контрола. Пред два месеци значително бил намален капацитетот на издашност на изворите, но сега со врнежите од дожд состојбата е подобрена.
Градов не го оставивме без вода, а нема и понатаму да го оставиме. Како резервна опција секогаш е пумпната станица во Метропол која се наоѓа во добра состојба и преку која го снабдуваме дел од градот со вода од езерото која ја преработуваме, па проблем околу водоснабдување во Охрид нема да има, вели Алексијоски.
Од МЈП „Проаква“ најавуваат повеќе проекти за оваа година како и интервенции на водоводниот и канализациониот систем, а ќе работат и на решавање на исплата на здравственото и пензиското осигурување на вработените кое не е регулирано во изминатите неколку години.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град