• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Локални ѕвезди ќе ги забавуваат охриѓани и гостите за дочекот на новата година на градскиот плоштад

Локални ѕвезди ќе ги забавуваат охриѓани и гостите за дочекот на новата година на градскиот плоштад

Локални ѕвезди ќе ги забавуваат охриѓани и гостите за дочекот на новата година на градскиот плоштад. Заради краткиот период и ограничените финансиски средства со кои располага општината за тековната 2017та  организиран е еден скромен дочек, вели градоначалникот Јован Стојаноски.Новина оваа година е тоа што локалната самоуправа го започна проектот „Од 20-ти до 20-ти – СИТЕ ВО ОХРИД“ кој започна од 20-ти декември 2017 до 20-ти јануари 2018 година.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Даниел Кајмакоски и Анита Мицова се музичарите кои ќе им посакаат среќна нова година на сите оние кои на 31 декември ќе бидат на градскиот плоштад. Локалната самоуправа иако со тенок буџет сепак организира дочек на отворено на задоволство на охриѓани, но и на гостите кои го избрале Охрид за дестинација каде ќе ги поминат новогодишните празници.

Оваа година нема звучни имиња на уметници кои ќе настапат на плоштад за дочекот на новата година иако тоа се очекува од еден туристички центар како што е Охрид.

Заради краткиот период и ограничените финансиски средства со кои располага општината за тековната 2017та моравме да организираме еден скромен дочек меѓутоа граѓаните на Охрид заслужуваат и затоа дочек на плоштад сепак ќе има, вели градоначалникот Јован Стојаноски.

Новина оваа година е тоа што локалната самоуправа го започна проектот „Од 20-ти до 20-ти – СИТЕ ВО ОХРИД“ кој започна од 20-ти декември 2017 до 20-ти јануари 2018 година. Основната интенција на оваа акција е да се опфати еден од најатрактивните периоди во текот на годината, надвор од главната туристичка сезона во Охрид. Забавата започна пред новогодишните празници, а ќе продолжи за Божиќ, Стара нова година и секако Водици. Идејата е да се изгради манифестација која ќе носи сопствен печат, кој традиционално ќе се одржува и надградува секоја година. Главниот дел од настаните ќе се одвиваат на посебно уредени простори во Центарот на градот, на 5 различни сцени. Програмата е направена така што ќе ги задоволи вкусовите на сите генерации. На 01.01.2018 настапува Бени Шаќири, на 02.01.2018 Суперхикс , на 07.01.2018 или на Божиќ свој настап ќе има Сергеј Четковиќ , на 13.01.2018 односно на Василица настапува Љубојна , а на Водици на 19.01.2018 Фолтин. Посебна програма во Центарот на градот ќе има со Баскер-уметниците како надополнување на музичката програма. Во склоп на програмата ќе имаме посебни сегменти како „Игри без граници“, театарски дел и изложби на отворено, „Од СРЦЕ за Охрид“ – посебна акција за најмладите, трки на Дедо мразовци, трки на келнери, ден на виното, и многу други. Како една од најатрактивните содржини на овој месец на забавата во Охрид е и „Чоколадниот новогодишен свет“, посебна манифестација во склоп на главната, лоцирана на делот од „Бистро Корнер“ на влезот во чаршијата до фонтаната кај Чинарот. Овој дел е посебно украсен со чадори и тезги во центарот на улицата, а по започнувањето со работа ќе има и посебна бина, каде секојдневно ќе има музика, Дџ, Дедо мраз и аниматори за најмладите.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top