• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Именувани се членови на Управни и Надзорни одбори на ЈП, кои не ги исполнуваат законските услови, обвинуваат од ВМРО – ДПМНЕ

Именувани се членови на Управни и Надзорни одбори на ЈП, кои не ги исполнуваат законските услови, обвинуваат од ВМРО – ДПМНЕ

Советот на општина Охрид, на последната седница спротивно на одредбите од „Законот за јавните претпријатија“ именуваше членови на управните и надзорните одбори за контрола на материјално-финансиското работење на јавните претпријатија во Охрид, обвинија денеска од ОК на ВМРО ДПМНЕ. Од таму тврдат дека именуваните лица не ги исполнуваат законските услови.
За вакво незаконско работење ќе има и мора да има индивидуална, правна и политичка одговорност, порачаа од ВМРО ДПМНЕ.

 |  Николоска Биљана  | 

Претседателот на охридскиот огранок на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков, на денешната прес конференција цитираше делови од „Законот за јавните претпријатија“според кои за претседател и член на управниот одбор и на надзорните одбори може да биде именувано лице кое покрај останатите услови треба да има завршен VII/1 степен образование, минимум три години работно искуство, еден меѓународно признат сертификат за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години и да има положено психолошки тест и тест за интегритет. Пецаков јавно го повика градоначалникот да одговори кои од лицата именувани со одлука на Совет во управните и надзорните одбори на јавните претпријатија во Охрид ги исполнуваат тие услови.

Зошто се разрешени членовите на Управниот одбор на ЈП „Билјанини Извори’’ на кои не им беше истечен мандатот, а истите ги исполнуваат сите услови предвидени со Законот, а на нивно место се поставени лица кои не ги исполнуваат условите? Зошто градоначалникот Јован Стојаноски, согласно член 51 став 1 од „Законот за локална самоуправа“, иако знае дека Советот носи незаконски одлуки, со Решение не го запре нивното објавување во службен гласник на општина Охрид и дозволи истите да стапат на сила?

Пецаков ги повика, како што кажа, незаконски поставените членови на управни и надзорни одбори, да не се впуштаат во носење одлуки во рамките на одборите во јавните претпријатија, затоа што таквите одлуки биле ништовни.

Овој срамен скандал креиран од страна на СДС, мора да биде предмет на работа на надлежните судски органи. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, јавно го повикува градоначалникот Јован Стојаноски веднаш да преземе мерки за ставање вон сила на донесените одлуки, а доколку тоа не се случи, ќе биде поднесена претставка до Државниот инспекторат за локална самоуправа, кој е должен да донесе решение за запирање на примената на одлуките. “

Време е Социјалдемократскиот Сојуз преку Градоначалникот и нивните советници да почнат да ги применуваат законите и да престанат со нивно кршење и непочитување, нанесувајќи директна штета на општина Охрид и јавните претпријатија, а индиректно и на охриѓани, кажа Пецаков.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top