Стружани конечно ќе добијат затворен пливачки базен. Децениската битка за реконструкција на овој објект заврши успешно. Агенцијата за спорт и млади во програмата за 2018 година предвиде реализација на овој капителен проект кој е од огромно значење за градот.
Ќе се реновира некогашниот затворен пливачки базен во Струга. После едена деценија, за прв пат сигурни сме во намерата на Агенцијата за млади и спорт, која во буџетската програма за 2018 год предвиде средства за обнова на некогашниот репрезентативен објект, вели Ацо Ѓуроски, спортски работник од Струга. Тој пренесува дека во тек била постапката на докомплетирање на потребната документација која општина Струга треба да ја достави до Агенцијата. Ѓуроски истакна дека овој пат голема поддршка имале и од струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
„Пред неколку дена и официјално добивме потврда од Агенцијата за млади и спорт, дека во наредната 2018 година ќе отпочнат градежните работи за повторно ставање во функција на базенот на општо задоволство на граѓаните на Струга и сите околни градови кои што немаат базен“
Ѓуроски најави дека базенот не само што ќе биде реновиран туку ќе биде и посовремен, бидејќи планирано било да се додадат и други содржини. Тој вели дека три години нанзазад се убедувале со тогашната централна власт дека базенот е поважен отколку спомениците кои никнуваат на секој агол.
„Сега со радост и неизмерни чуства можам да кажам дека овој базен е од неприкосновено значење за пливачите. И не само за нив, туку и за децата училиштата, за болниците за рехабилитација, а посебно за пливачите кои се амбасадори во светот и не претставуваат како град Струга, но и Македонија како држава која има традиционално пливање, многу одавна“.
Со реализација на еден ваков капителен проект, Ѓуроски смета дека градот на две води Струга може да размислува за развој на туризам преку цела година. Инаку, првичните проценки, кои што не се стручно издржани како што кажа Ѓуроски се дека за реконструкција на затворениот пливачки базен во Струга, потребни се над 300 000 евра.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град