Р. Македонија стабилно и енергично чекори напред. убедени сме дека нашата земја ги заслужува Евро атланските перспективи, и очекуваме Македонија да биде 30 сетата земја членка на Нато алијансата истакна претседателот на Владата на РМ Зоран Заев на денешниот состанок на министрите за одбрана членки на САД, Јадранската повелба, кој се одржува во Охрид.
Под мотото „Интеграцијата е целта, соработката е начинот“ денес во Охрид се одржа состанок на министрите за одбрана на САД, членки на Јадранската повелба. Премиерот на Р. Македонија Зоран Заев кој учествуваше во работата на свечениот дел на Состанокот на министрите за одбрана во своето обраќање потсети дека Јадранската повелба беше мотивацијата што ги водеше земјите членки за рекордно време да ги достигнат стандардите за членство во НАТО, притоа изразувајќи жалење што Македонија во Букурешт остана пред вратата на Алијансата поради спорот со Грција, независно генералната оценка дека земјата ги исполнила сите критериуми. Тој забележа дека од тогаш Република Македонија беше втурната во ретроградни политички процеси кои кулминираа со најтешка политичка криза во земјата по осамостојувањето на Македонија. Заев рече дека над 75% од граѓаните на Македонија посакуваат членство во ЕУ и НАТО.
„Посветени сме на наоѓање на начини да се надмине проблемот, што го има Република Грција со името на нашата држава. Веруваме дека тоа е многу важно, и дека преку инклузивен пристап дома, и со градење на позитивна атмосфера на добрососедство и соработка со Република Грција. Оттаму, со право очекуваме Република Македонија да биде 30-тата членка на Алијансата, и ќе работиме на таа цел, заедно со граѓаните“.
Нашата земја не бара членството во НАТО да го добие како подарок, тоа не е стекнато право, туку тоа е резултат на посветеност, исполнети критериуми и континуирана стабилност, истакна министерката за одбрана на Р. М Радмила Шекеринска. Министерката нагласи дека решителноста на Владата на РМ за решавање на отворените проблеми кои досега непотребно се развлекуваа, ги оптоваруваа односите со нашите соседи, а се наметнаа како реални пречки на нашиот пат кон евроатлантските интеграции. Шекеринска ја посочи и фокусираноста на земјата кон интензивирање на континуираниот придонес и учество во бројни иницијативи и облици на соработка, со соседите, регионот и партнерите.
„Р. Македонија полека излегува од еден тежок период предизвикан од долга политичка криза. Период полн со предизвици, во кој граѓаните на Р Македонија покажаа мудрост, зрелост, одважност и демократски капацитет. Граѓаните недвосмислено се изјаснија за насоката кон која посакуваат земјата да се движи и стратешките приоритети. Ве уверувам дека оваа изразена волја која што ја покажавме во рамките на американско јадранската иницијатива е наш клучен приоритет, членство во НАТО оваа цел ја обедунува земјата и цел која што ја гарантира нејзината безбедност и просперитет“
Лора Купер, заменик-помошник на секретарот за одбрана на САД потсети на зборовите на заменикот, претседател Пенс од состанокот во Црна Гора дека А5 ја исполнува својата намена, односно државите од Западен Балкан да ги доближи до најуспешниот одбранбен сојуз во историјата.
„НАТО и САД и понатаму ќе бидат во партнерство со секого од Вас за да ја промовират безбедноста на Западниот Балкан и пошироко. Денес се радувам на можноста за дискутирање, можности за унапредување на регионалната соработка и јакнењето на националните капацитети со заеднички придонес во меѓународните операции“ .
Горазд Бартолд, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, ги поздрави реформите што ги спроведува новата Влада на РМ што се однесуваат на нејзините евроатлантски аспирации.
„Имам впечаток дека по еден долг период во моментов имаме позитивен импакт во Скопје кој ќе и овозможи на земјата напредок во структуралните реформи како и конечно постигнување заемно прифатливо решение за прашањето за името. Вашата земја воведе нов пристап во подобрување на добрососедските односи“
Министерскиот состанок во Охрид се одржува во формат министри за одбрана или официјални претставници на земјите членки на Јадранската повелба, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија и Црна Гора. Гостин на А5 состанокот е министерот за одбрана на Бугарија Красимир Каракачанов, како и министри за одбрана или официјални претставници на земјите набљудувачи, Косово, Србија и Словенија.
САД- Јадранската Повелба е форум кој поттикнува заеднички и координирани напори за што побрзо исполнување на критериумите и стандардите на НАТО и развој на активности насочени кон унапредување на меѓусебната соработка и градење на мирот, демократијата, стабилноста и просперитетот во Регионот. Формирана е во 2002 година како А-3 формација во состав Македонија, Албанија и Хрватска, а во 2008 се приклучија Црна Гора и Босна и Херцегивина кога беше усогласен Партнерски План за имплементација на САД – Јадранската Повелба во нов формат.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град