Завршена е целата имотно правна постапка за изградба на Дом за стари лица во Охрид. Општинскиот гласноговорник Томе Џамтоски уверува дека целата процедура од нивна страна била била завршена. Се чекало само одобрение за обезбедување на пристапен пат до парцелата, кое треба да го изготви Фондот за комунален развој, па да почнат градежните активности.
Пристапен пат до парцелата за изградба на Дом за стари лица во Охрид е единствениот проблем поради кој сеуште не е отпочнато со градба на Домот за стари лица во Охрид. Како што соопшти Томе Џамтоски, портпаролот на општина Охрид средината на август месец годинава издадено било одобрение за градба, со кое инвеститорот односно градежната компанија АД Илинден, може да почне со реализација на овој капитален и долгонајавуван проект.
„Најнов момент што треба да го посочам, она на што вие мислевте, е изградба на пристапен пат до самата парцела по кој ќе оди механизацијата на Илинден, и тоа е завршено во рамки на Локалната Самоуправа. Завршена е целата процедура околу имотно правните односи на дел од просторот, се очекува во најскоро време само да се издаде одобрение од Фондот за комунален развој за пристапен пат“
Џамтоски открива дека во текот на денешниот ден имале средба со директорот на АД „Илинден“, и смета дека за краток период ќе отпочне реализацијата на овој проект.
„Значи ние треба да излеземе во пресрет да се тампонира тој дел како пристапен пат и јас верувам дека во наредните денови и тоа ќе го направиме така што инвеститорот ќе може непречено да работи на изградба на домот“
Домот за стари лица во Охрид треба да се гради на локацијата во населбата Далјан, на градежна парцела со вкупна површина од 8.425 метри квадратни. Во моментов таму нема никакви градежни активности. Изградбата беше најавувана дека ќе стартува во 2016 година, според договорот со кој купувачот беше обврзан во рок од 12 месеци да обезбеди одобрение за градба, а во рок од 4 години да го изгради објектот согласно урбанистичкиот план по кој земјиштето е отуѓено. Повеќе пати е кажано дека изградбата на Домот за стари лица во туристичкиот бисер е неопходна. Во моментов единствено место каде што се згрижуваат старите лица е одделението на геријатрија при општа болница Охрид кое располага со 30- тината легла, кои пак ни одблизу не ги задоволува потребите на жителите на Охрид и Дебрца.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град