“Камера 300” плодна за охриѓани

Златен медал на “UNICA” на 25-от Интернационален фестивал на аматерски документарен филм “Камера 300” за охриѓанецот Томе Љушев – Шпанец. Стручното жири на фестивалот „Камера 300“ одлучи годинава специјална награда да му врачи и на општинското основно училиште „Христо Узунов“ од Охрид за посебен придонес во аматерскиот документарен филм. 

 |  Јаковлева Лионела  | 

Охриѓанецот Томе Љушев – Шпанец освои златен медал на “UNICA” на 25-от Интернационален фестивал на аматерски документарен филм “Камера 300”, што се одржа во Битола. Во конкуренција на 41 филм, меѓународното жири предводено од проф. д-р Стефан Сидовски, во кое членуваат истакнати филмски работници од повеќе европски држави, одлучи златниот медал на “UNICA” за филм кој поттикнува разбирање помеѓу народите, да му припадне авторот на краткометражниот документарен филм “Страсна недела- Бигорски манастир”. Документарецот е приказ на случувањата во последните три дена од Страдалната седмица од Воскресението Христово- Велигден во манастирот Бигорски оваа година, кога благодатниот оган се разгорува на илјадници лабмади.
Сакам да изразам огромна благодарност за подадената рака околу реализацијата на овој документарец до мојот духовен отец, игумен на манастирот Бигорски, архимандрит Партениј и целото братство од манастирот Бигорски и сестрите од манастирот Рајчица. Гледав во филмот да ги доловам емоциите и чуствата на верниците кои доаѓаат во манастирот за време на страсната недела пред Велигден и навистина беше огромно задоволство да се снима сето тоа, вели, додава Томе Љушев – Шпанец.
Оваа е моја втора освоена награда. Првата ја освоив во Нови Сад за краток уметнички филм, но ова е мојот прв златен медал и особено ми е драго што доаѓа од рацете на реномирано жири и меѓународно познатата “UNICA“, вели Шпанец.

Стручното жири на фестивалот „Камера 300“ одлучи годинава специјална награда да му врачи и на општинското основно училиште „Христо Узунов“ од Охрид за посебен придонес во аматерскиот документарен филм. Со награда се закитија две ученички во девето одделение од ова училиште. Нивниот филм е инспириран од легендата за Билјана, а го работеле под менторство на наставничката по физика.
Не беше тешко да добиеме инспирација за снимање. Ни помогна наставничката која ни кажа за овај натпревар. Ние размисливме се согласивме да снимаме и ни беше многу забавно, вели Евгенија Стојаноска.
Ивана Пројчевска го снимала филмот со помош на камера од фото апарат. Некои сцени повеќепати биле повторувани, но тоа воопшто не и преставувало проблем.
Ми беше многу интересно, ми беше потребна мала помош, треба креативност секако за тоа, и на крај успехот е загарантиран, вели Пројчевска.
Фестивал на аматерски документарен филм “Камера 300” преставува убава можност за младите, но и повозрасните кои се веќе искусни во областа на филмската уметност да ги покажат своите афинитети и знаења. Добиените награди и на Шпанец и на двете ученички од ОУ „Христо Узунов“ им ги отвараат вратите за учество на други фестивали како и за занимавање попрофесионално со филмската уметност.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top