Решавањето на проблемот со кучињата скитници, еден од проритетите на Општина Охрид

Општината сериозно се зафаќа да го реши проблемот со кучињата скитници. Таа во соработка со Здружението на граѓани „Анималија“ презема почетен план за решавање на овој долгорочен проблем. Заедно со Центарот за развој на Југозападниот плански регион ќе аплицира со проекти за набавка на опрема и обука на кадри од ЈП „Охридски комуналец“.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Решавањето на проблемот со кучињата скитници, еден од проритетите на Општина Охрид. Таа во соработка со Здружението на граѓани „Анималија“. презема почетен план за решавање на овој долгорочен проблем. Во исто време ќе се продолжи со проектот за стерилизација, нега и згрижување, а ќе се бара и трајно решение за определување локација за стационар. Градоначалникот Јован Стојаноски денес одржа состанок со претставници на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, „Охридски комуналец“, „Анималија“ и полицијата.
Во соработка со Центарот за развој на Југозападниот плански регион ќе аплицираме со проекти за набавка на опрема и обука на кадри од ЈП „Охридски комуналец“ за справување со овој проблем. Проблемот не е краткорочен и може да трае дури и во целиот мандат. Па, затоа мора со заеднички сили на сите граѓани на Охрид, а во наредниот период заедно и со граѓаните од Дебрца, Струга и Ресен заеднички да го решаваме овој проблем со кучињата бездомници, потенцира Стојаноски.
Во моментов Охрид нема служба за третман на бездомните кучиња и таа што формално постои во рамки на ЈП „Охридски комуналец“ не функционира. Според Мирјана Лозаноска, раководител на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, ова би било прва фаза во третирање на проблемот. Со оглед на тоа што повеќе општини го имаат овој проблем, втора фаза би било барање соодветна локација и изградба на регионален стационар.
Тоа подразбира набавка на опрема и обука за по две екипи од секоја општина од јавните комунални претпријатија кои ќе прават заловување на кучињата, а потоа соодветно избрана ветеринарна служба ќе врши стерилизација и ќе ги враќа таму од каде што се заловени, вели Лозаноска.
Стојаноски рече дека проблемот со кучињата скитници не може да се реши наеднаш затоа со вакви помали проекти постепено ќе се намалува, а има и законски обврски кои мора да се испочитуваат. Градоначалникот потенцира дека и полицијата треба да ја засили контролата, за да се види дали навистина кучиња скитници се носат од други градови.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top