Нема укинување на Законот за заштита од пушење

Угостителите бараат измена и редефинирање на некои одредби од Законот за заштита од пушење, а не укинување на забраната во целост. Од еснафот на угостители во Охрид велат дека најпрво треба да се организира јавна расправа на која сите угостители и останати субјекти ќе се изјаснат во врска со оваа проблематика па дури тогаш да се преземаат конкретни мерки.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Нема укинување на Законот за заштита од пушење. Од еснафот на угостители од Охрид велат дека тие биле иницијатори на само некои измени на законот и додефинирање на работите, а не и негово целосно укинување. Пратеникот Томислав Тунтев кој беше предлагач на ова барање во Парламентот на РМ вели дека во овој момент не постои никаков нов предлог закон што го изготвила Владата ниту пак нов предлог што е во владина процедура, ниту пак некакви работни групи изготвиле некаков нацрт текст. Во овој момент во собраниска процедура е предлогот на седум пратеници за измени во законот што се однесуваат само на терасите надвор од угостителските објекти. Михаил Мишев, претседателот на еснафот на угостители во Охрид вели дека најпрво треба да се организира јавна расправа на која сите угостители и останати субјекти ќе се изјаснат во врска со оваа проблематика па дури тогаш да се преземаат конкретни мерки.

Нам ни е наговестено дека ќе има трибина или консултација со јавноста како тој закон би бил комплетен и добро срочен да нема понатаму никакви недоразбирања. Ние не сакаме да се дозволи пушењето во целиот простор туку само во оние летни тераси кои ги имаме приспособено за функционирање во зимски услови, вели Михаил Мишев, претседателот на еснафот на угостители во Охрид.

Една од предложените измени во Законот за заштита од пушење е во надворешните тераси на рестораните и кафулињата, без разлика на временските услови да може без ограничувања да се пуши бидејќи за време на зимскиот период законот не дозволува пушење во затворени тераси. Угостителите велат дека бараат измени на законот бидејќи досегашните ригорозни закони се спроведувале селективно. Имало објекти каде се пушело, а инспекциските служби не казнувале. Засегнати од овој закон секако се и граѓаните. Некои сметаат дека истиот треба да се укини, а други само да се видоизмени и да се дополни.

Многу е важно да се потенцира дека не станува збор дали пушењето е штетно или не по здравјето на луѓето туку станува збор за отстранување на причините за субјективно, самоволно и селективно тумачење на законските одредби и за создавање исти можности за сите угостители, велат од еснафот. Според статистиките и покрај забраните за пушење, 46 проценти од вкупното население во земјава се пушачи, а Македонија е на трето место во светот според бројот на испушени цигари по жител годишно.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top