Цели дванаесет години, ОО на Црвен крст Охрид ја организира хуманитарната акција „За посреќно детство“. Овој хепенинг секоја година изненадува со нови настани и содржини а речиси сите учесници во овој настан добиваат и по некоја награда. Најважно од се е тоа што организаторот преку ваквите активности ги анимира младите за бавење со спорт, забава дружба и поттикнување на моралните и етички вредности.
Хуманитарниот хепенинг „За посреќно детство“ и годинава со вас. Зборно место е градскиот плоштад „Св Климент Охридски“ утре 30 септември, 11 часот. Организаторот, ОО на Црвениот крст Охрид во партнерство со стоматолошката ординација Баткоски, ветуваат разни содржини нови настани и бројни награди. Претседателот на Црвениот Крст Сашо Точко и годинава очекува голем одзив кај младите активно да се вклучат во спортските дисциплини и останатите активности.
„Настанот започнува со голема главна трка со почеток во 11 со старт од плоштадот Крушевска Република кај чинарот и по ул македонски Просветители а цел кај градскиот плоштад Св Климент Охридски. Сите учесници ќе добијат награди, но првите тројца во машка и женска конкуренција ќе добијат вредни награди. На платото пред споменикот Св Климент Охридски ќе се одржуваат бројни културно забавни и здравствено едукативни содржини“.
Богатата агенда на активности ја надополнува и партнерот на акцијата „За посреќно детство“, стоматолошката ординација Баткоски. Тие и оваа година се присутни со својата едукативна програма.
„Едукативниот дел ќе се состои од ликовно катче каде секој од учесниците ќе може да ги покаже своите уметнички вештини, со совети за одржување и подобрување на оралното здравје и како новитет оваа година ќе има квиз со прашања од областа на стоматологијата за самиот центар д-р Баткоски, за организаторот на оваа манифестација Црвениот крст и нивното постоење и улога во секојдневниот живот“
Д-р Мандулоски појасни дека прашањата за квизот сите заинтересирани можат да ги пронајдат на фан страниците на фејсбук на Црвениот крст и ординацијата д-р Баткоски. Инаку и годинава волонтерите на Црвениот крст во рамки на акцијата „За посреќно детство“ веќе отпочнаа со продажба на талончиња кои се во вредност од 30 денари, а можат да се најдат во ОО на Црвениот крст како и во ординацијата Баткоски. И во рамки на оваа активност предвидени се 50 награди за кои извлекувањето ќе биде на нашиот медиум на 21 октомври во 18 часот. Собраните средства ќе одат за децата од социјално загрозените семејства од Охрид и Дебрца, за нивните здравствени проблеми кои што имаат потреба од најразлични зафати во нашата земја и странство. На хуманитарниот хепенинг учество ќе земат и децата од здружението на лица со ретки болести. Во рамки на кампањата „За посреќно детство“ предвидена е и богата културно уметничка програма.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град