Ужасна слика под самиот прозор на капетанија. Истечено масло, киселина, коски од риба и друг отпад секојдневно се депонира во строгиот центар на градот. Апелот до граѓаните не вроди со плод. Од капетанија планираат да постават камера за да го откријат сторителот.
Дива депонија во строгиот центар на градот. Во непосредна близина на охридската капетанија постојано има планина со отпад. Ова место години наназад е црна точка каде несовесни граѓани си одлагаат се и сешто. Не ги плашат ниту реакциите од околината, ниту посетите на комуналните инспектори.
Несовесно оставен отпад кој е мета на мачки и кучиња скитници кои го растураат насекаде. ЈП „Охридски комуналец“ редовно го подига, но луѓето се немоќни. Очигледно е дека се работи за отпад од угостителските објекти, истечено масло, киселина, коски од риба. Ужасна слика која е под самиот прозор на капетанија, вели Горан Устијаноски, капетан на „Охридската капетанија“.
Тие кои сакаат да водат бизнис и да имаат ресторани треба да одвојат средства за набавка на садови за отпад. Вака не се води угостителство и не се прави туристички центар, вели Устијаноски.
Ние сме подготвени да ставиме видео надзор и да видиме кој тоа го прави, а ќе поднесиме и соодветна пријава до инспекциските служби бидејќи бвака само погодуваме кој е одговорен. Затоа капетанија ќе постави камера сето тоа ќе го документираме и ќе го поставиме како доказ пред инспекторите, вели Устијаноски.
Устијаноски вели дека инспекторите повеќе пати биле на лице место, но се немоќни да сторат нешто бидејќи не се знае сторителот. Кога ќе се утврди неговиот идентитет соодветно ќе биде казнет. Инаку свеста и совеста на граѓаните за чистотата на градот сеуште е на ниско ниво со чест на одредени исклучоци. Од ЈП „Комуналец“ постојано апелираат да не се остава отпадот на несоодветно место бидејќи дивите депонии им преставуваат посебен проблем. Веќе имаат лоцирано девет диви депонии во градов, а многу повеќе се во приградските населби. Тие постојано се чистат, но граѓаните кои не се грижат за својата околина повторно одлагаат смет на ваквите места.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град