Пчеларите се соочуваат со тешка сезона. Тие предупредуваат дека автохтоната македонска пчела е загрозена. Излез бараат од надлежните институции кои досега немаат слух за решавање на нивните проблеми.
Годинешнава пчеларска сезона завршува со тешки последици. Пчеларите предупредуваат дека состојбата е алармантна бидејќи излезот од зимата бил лош, пчелите не биле добро опоравени, а со самото тоа и нивната паша била слаба. Претседателот на Пчеларското здружение од Охрид, Тони Јосифовски вели дека пчелариве од регионов тоа го почуствувале и од финансиски аспект, бидејќи имале многу големи давачки за прихрана на пчелите и за одржување на бројката на пчелните семејства.
„Месец и половина се обидуваме да воспоставиме контакт со надлежното министерство, со професорите од факултетот, но за жал досега не најдоа слободно време да не примат и да ги сослушаат проблемите со кои се соочуваме. Вчера преку пчеларската федерација закажан состанок со заменик министерот и при крај ја откажаа средбата од причини за нас непознати“
Јосифоски вели дека немоќни се сами да се справат со тешката состојба во која се наоѓа пчеларството во охридскиот, струшкиот, ресенскиот и дебарскиот регион. Тие во петок 01 септември во големата општинска сала најавија состанок на кој ќе ги повторат нивните барања до надлежните.
„Нашите конкретни барања се да ни помогнат надлежните за прихрана и да не поучат како да се справиме, пред се да ни кажат со каков начин на прихрана да употребиме и на каков начин да пристапиме“
Едно од барањата е и прогласување на елементарна непогода, вели Јосифоски. Тој очекува надлежните да ја разберат сериозноста на проблемот и во најскоро време да излезат со конкретни мерки. Јосифоски кажа дека од страна на Локалната самоуправа на општина Охрид добиле само совет каде треба да го бараат клучот за решавање на проблемот.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град