Ангелот со неговата чистота и бескрајност основен мотив на вечерашната изложба на тројца еминентни автори. Преку скулптури, мозаик и слики претставена врската помеѓу човекот и Бог. Драган Спасески Охридски е домаќин на овој несекојдневен проект кој се реализира токму на денешниот голем христијански празник.
Уметникот е ангел без крилја, ангел, без крилја ангел. Вечерва се промовира овој проект во кој учествуваат тројца автори кои творат во различни медиуми, а на тема ангел или ангелското или бескрајното. Тоа е она што го поврзува божественото со човечкото, редот со нередот и патолошкото со физиолошкото. Авторите се Блаже Крстаноски-Блажески, еминентен скулптор по потекло од Охрид кој работи и твори во Сиднеј, Австралија, Билјана Поп Стефанија, архитект кој се занимава со ангелското, преточено во мозаици и Драган Спасески Охридски, кој преку компјутерската графика се обидува да дојде до бескрајното преку формата на ангелот. Спасески Охридски кој е и домаѓин на изложбата вели: Се споивме во еден голем проект на еден голем православен празник, а ангелското е пораката до сите религии бидејќи сите го имаат она заедничкото што го поврзува ангелското со човекот.
Таа среќа му е дадена на секому меѓутоа нема секој подеднаква желба и мотив и воља да продира во длабочината на сопственото битие и во потрага по убавините божествени. Така да она што мене ме привлекло во ангелското, а и другите автори е потрагата по убавото, доброто и вистинитото, вели уметникот.
Оваа галерија која навистина претставува уникатен простор во кој струи енергијата на уметникот е отворена за секој љубител на убавото, естетското, но и она возвишеното. Во неа се изложени дела и од поранешното творештво на Драган Спасески Охридски. Галеријата е само изложбен салон а сликите на авторот можат да се купат во галеријата Букефал која е и помагател на најновата изложба.
Кога секој би ја работел професијата што најдобро ја знае нема да дојдевме до оваа ситуација во кој што сме. Јас го излагам она што сметам дека е добро и не сакам да ја мешам трговијата со креативноста. 0ваа галерија досега не била место за продажба туку била место само за излагање, вели Спасески Охридски.
Изложбата ќе биде отворена вечерва од 21 часот, а поставката од 24 дела ќе можат да ја видат љубителите на уметноста и наредните денови. Спасески со оваа изложба само завршува еден свој циклус во творештвото. Тој за наредната година најавува уште еден свој проект, можеби најголем од сите досегашни. Тоа е завршувањето на една многу необична градба на која работи 15тина години која е едно архитектонско откритие за уметникот и негово тродимензионално изразување. Во ова дело се преточени архитектонските размислувања на Спасески Охридски.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град