Традиционалниот Илинденски маратон, што се плива од Горица до грдаското пристаниште, годинава со неколку новини. Едната е тоа што стартната листа беше збогатена со пливачи од Бугарија и Полска, а најголемо изненадување како за организаторот така и за целокупната јавност, беше учеството на тројца млади пливачи од Здружението на граѓани за лица со дисфункција, хендикеп, ретки болести и посебни потреби „Дајте ни крилја“ од Скопје.
Андреј Стојановски прв доплива на целта на 38 то издание на Илинденскиот пливачки маратон 2017. Во конкуренција на шеесеттина пливачи од неколку домашни и странски клубови кои плива во водите на Охридското Езеро, поделени во две категории, тој успеа да ја понесе годинешнава победа. Стојановски вели дека имал мала криза после олимпијадата за глуви која се одржа во Турција, но желбата да плива на Илинденскиот маратон во Охрид била појака од се, така што воопшто не му било тешко без придружба да плива.
„Андреј учествуваше на Олимпијадата за глуви што се одржуваше во Турција, забележа добри резултати учествуваше во три дисциплини и во сите три влезе во финале. Прв пат се одржува годинава олимпискиот маратон десет километарски и ќе се обидеме за прв пат да го пливаме. Ќе дојдиме на 9 и ќе тренираме до 12 август за да имаме добар настап“
Две и пол километарската патека од кај поранешниот хотел „Парк“ до Градското пристаниште, беше предизвик младата Миа Крстевска од ПК Орион да биде дел од овој спортск настан. Таа вели дека се обидела рамо до рамо да плива со машките натпреварувачи, бидејќи немала конкуренција во женската категорија.
„Многу сум задоволна, водата беше чиста, топла и имаше супер услови за да се исплива маратонот и среќна сум за прво место“
Образот на охриѓани во машка сениорска категорија го обели Милан Китески, кој пристигна трет на целта. Тој вели дека Илинденскиот маратон за него е шлаг на тортата, после освоени две златни медалји од државни првенства, како и три златни и четири сребрени од учество на митинзи.
„Се што можам да кажам е дека езерото беше прекрасно за пливање, напорно тренирав последниов месец, се подготвував, испливав најдобро што можев, резултатот го поправив….4 и пол минути, во однос на ланската година што лично за мене е голем напредок“
Годинава посебен впечаток на Илинденскиот маратон оставија тројцата млади пливачи од Здружението на граѓани за лица со дисфункција, хендикеп, ретки болести и посебни потреби „Дајте ни крилја“ од Скопје. Катерина Ивановиќ тренер по терапевтско пливање и член на здружението истакна дека истрајноста, упорноста и желбата на младите пливачи да се докажат, ги довело во Охрид да бидат дел од Илинденскиот маратон.
„Идејата за напредок, бидејќи овие деца сакаат да напредуваат, благодарение на тренерот Панче Игнов кој како поддршка плива заедно со децата, дојдовме после година дена напорно и интензивно тренирање да се појавиме. За нас е предизвик што за прв пат во Македонија и воопшто во пошироки рамки ќе пливаат деца со нетипичен развој. Предизвикот е голем, нас ни е важно да испливаме
Маратонот се одржува во организација на охридскиот пливачки клуб „Охридски бранови“, кој оваа година одбележува 85 години од неговото основање Претседателот на клубот, Кочо Паскали рече дека нивните очекувања се исполнале така што и оваа година Илинденскиот маратон поминал во најдобар ред.
„Маратонот помина во најдобар ред, задоволни сме, времето е на наша страна изненадени сме што пливаа и децата од здружението „Дајте ни крилја“. Најважно е што безбедноста беше на највисоко можно ниво“
За регуларонста на трката се погрижија девет судии, распоредени во три тима. Додека пак за безбедноста на маратонците се грижеа екипи на „Црвен Крст“ од Охрид. Инаку организаторите велат дека Илинденскиот маратон е генералона проба и најава за првото издание на десеткилометарскиот Олимписки пливачки маратон што треба да се одржи на 12 август, на кој учество најверојатно ќе земат најдобрите од овој маратон.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град