Топлотниот бран во Охрид го зголеми бројот на интервенции

Топлотниот бран во Охрид го зголеми бројот на интервенции. Докторите советуваат да се почитуваат нивните препораки, без потреба да не се излегува во пладневните часови, да се пие доволно вода, како и да се носи лесна и бела облека.

 |  Николоска Биљана  | 

Топлотниот бран кој деновиве го зафати охридскиот регион ги зголеми и интервенциите на медицинските тимови на интерното одделение при охридската општа болница. Колабирања, влошена здравствена состојба на хронично болни, се само дел од состојбите на кои се интервенира, вели началникот на интерно одделение д-р Виолета Милошеска.

„Со високите температури и кај нас е зголемен бројот на прегледи, интервенции. Препораки се да не излегуваат на топлото време, да пијат доволно течности, да носат полесна и бела облека и доколку имаат проблем веднаш да се јават во Итната медицинска помош и по потреба и кај нас на интерно одделение и на другите оддели во болницата“ – рече д-р Милошеска.

Зголемениот број на интервенции бара и добра кадровска екипираност. Д-р Милошеска убедува дека внимавале и на тој момент и за тоа ангажирале и дополнителни кадри.

„Кај нас се прави распореди за време на одмори, никогаш не сме останале без доктор, така да подготвени сме, имаме и млада колешка која секогаш е тука да помогне, а по потреба доколку се наложи потреба ги ангажираме и специјализантите посебно во летниот период да помогнат“ – вели д-р Милошеска.

Лекарите укажуваат дека на ваквите високи температури колабирањата се чести доколку не се почитуваат препораките. Тоа се однесува и на младите кои спијат до доцна и нејадени излегуваат на силното сонце. Па оттука и советите и препораките од лекарите да не се излегува без потреба кога е најтопло.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top