Секој ден Димитар Свилар од Долно Лакочереј охридско, се снабдува со вода полнејќи неколку канти од чешмата во близина на селската црква. Тој како што открива за ТВМ, 4 децении живее без вода во својот дом, а досега месната заедница не успеала да го реши неговиот проблем. Свилар е крводарител кој околу 200 пати дарувал крв. Овој хуман човек се надева дека надлежните ќе најдат начин да му излезат во пресрет сега кога тој има потреба од помош.
Три фамилии од Долно Лакочереј Охрид, 4 децении живеат без вода во своите домови. Тропајќи од врата до врата по надлежните институции, тие освен како што велат омаловажувања не добиле никаква надеж ниту некое ветување дека некој ќе се нафати да го реши проблемот. Димитар Свилар, кој е познат крводарител и кој досега дарувал 188 пати крв, за ТВМ раскажа како е да се живее без вода и што се направил за да донесе вода во неговиот скромен дом.
„На сите им дадоа вода мене и на комшиите не. Незнам зошто, само велат дека сме дојденци и ништо не сме допринеле за селото и затоа за нас вода нема. На некои вода однесоа во планина кај некои во поле однесоа вода, а за нас кои сме на 200 метри вода нема. Сакам да ми се ископа овде канал и да ми стават црево бидејќи тоа го има донирано општината, а не селото“
Исти проблем како Свилар има и Јованка Гроздановска. И таа раскажа дека откако се доселиле пред 30 години немаат вода, и се снаоѓаат на различни начини.
„Ние уредно имаме доставено барање, можеби има две или три години откако е доставено барањето…немаме дефинитивно одговор. Усмено ни кажуваат дека нема доволно средства да се копа…а не е многу далеку околу 200 метри. Ние сме овде три куќи. Ние кога ќе донесат до овде, ќе си ставиме сите, засега се снаоѓаме носиме со цистерни, канти….што да правиме“
За овој проблем побаравме одговор од претседателот на Месната заедница Гоце Трифуноски. Тој во телефонски разговор за ТВМ кажа дека токму денес и од нас разбрал за овој проблем. Додаде дека жителите на Долно Лакочереј кои се соочуваат со немање вода може во секое време да го побараат со цел да го слушне проблемот, како и тоа да ја разгледа можноста, доколку може истиот да се реши.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град