„Сага за Охрид“ – книга за историското минато во Охрид

Историското минато на Охрид вткаено во книгата „Сага за Охрид“. Автор на ова дело е познатата долгогодишна новинарка и уредничка на емисијата „Печат“ во регионалната телевизија „ТВМ“, Валентина Нелоска. Ова дело кое што е во душата на авторот, е отворен споменар за сите генерации кои сакаат да ја дознаат сторијата на познатите охридски семејства.

 |  Николоска Биљана  | 

Промовирана книгата „Сага за Охрид“. Станува збор за дело во кое авторот, познатата новинарка Валентина Нелоска, низ 35 наслови ја открива својата душа, вткаена во Охрид, градот во кој живее и твори. Дел по дел, авторот, многу стрпливо, концизно и умешно, ја доловува секоја ситница од минатото на луѓето кои имаат своја приказна врзана со историјата, традицијата и постоењето на Балканскиот Ерусалим. Со оваа прва книга Нелоска, како што и сама истакна, остава нешто вредно зад себе, за градот кој и е на дланка, и секојднево се повеќе и повеќе ја инспирира да пишува и твори.

„Прво затоа што Охрид е центарот на мојата душа, а „Сага за Охрид“ е книгата во која ја преточив мојата голема љубов кон градот во кој што сум родена, работам и живеам. На страниците со голема посветеност потсетувам на многу луѓе, настани, моменти од живеењето на градот. Има многу носталгија на страниците и можам да кажам дека книгата така сама ја нареков „Книга за душата и срцето“ – вели Нелоска.

Книгата „Сага за Охрид“ од историски аспект има големо значење. Тоа го потврдува историчарот проф. д-р Павле Митрески, кој се јавува и како рецезент. Митрески вели дека Охрид е град за кој е заинтересирана како македонската, така и светската научната јавност, а посебен допринос за тоа имаат и новинарите како Нелоска која секојдневно го афирмира градот и остава неизбришливи траги, трагајќи по архивите и остварувајќи контакти со познатите охридски семејства.

„Уште на почетокот можам да кажам дека нејзиниот труд е мошне успешен и корисен за Охрид. Повеќе од 10 години преку охридската телевизија ТВМ преку емисијата Печат секоја недела ги изнесува документарните емисии од животот и работата на населението од 19 и 20 век. Со тоа според моите сознанија таа постигна полн погодок

Кога ќе ја земете книгата „Сага за Охрид“, во раце прво што ви паѓа во очи се прекрасните слики создадени од познатиот уметник Славко Упевче кој исто така е хроничар на Охрид, вели новинарот Милчо Јованоски.

А кога ќе ја отворите книгата и кога ќе ги прочитате тие 35 бисерни камчиња кои го толкуваат мозаикот од приказни за Охрид и пошироко, за охридски човечки судбини, за настани и ликови, верувам дека ќе ви биде појасно дека Охрид не живеел само во вековите во минатото, туку и во 18 и 19 и 20 век и се надевам дека и понатаму ќе има новинари помлади генерации кои после нас на некој начин ќе ја продолжат таа традиција

Книгата „Сага за Охрид“ денес беше промовирана во просториите на црвениот Крст во Охрид. 10 книги веднаш завршија во нивната библиотека, а од продажбата на останатите дел ќе има и за хуманитарни цели за семејствата од ранливата категорија.
Освен во Црвен крст, книгата Сага за Охрид може да се купи и во книжарницата „Просвета“ и во музичката продавница ЗЗ топ.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top