РК Охрид 2013 се пласира за учество во престижниот ЕХФ Куп

Европски ракомет во Охрид. Успесите на РК „Охрид 2013“ го издигнаа клубот на високо ниво кое им овозможи натпреварување во ЕХФ купот. Охридскиот клуб финансиски добро стои, а за наредната натпреварувачка сезона буџетот ќе биде зголемен за 15 до 20 %.

 |  Николоска Биљана  | 

Љубителите на ракометот ќе можат да гледаат европски натпревари во Охрид. Нашиот клуб Охрид 2013 достигна ниво кое им овозможува на ракометарите да се натпреваруваат во престижниот ЕХФ Куп. Претседателот на Управниот одбор Љупчо Танески нагласи дека овој успех не само што ќе придонесе за афирмација на спортот и туризмот во градов, туку голем успех е и за клубот и Локалната самоуправа која максимално го поддржува клубот од сите аспекти.

„Тоа од спортски аспект претставува најголем успех на една ракометна екипа од Охрид во досегашната историја на постоење на клубот. Охрид ќе се натпреварува во престижниот ЕХФ Куп што значи дека европски екипи од висок ранг кои што освоиле в торо, трето или четврто место во нивните национални лиги ќе гостуваат во нашиот град, што претставува мотив плус за нас за уште подобра организација за следната натпреварувачка сезона“

РК Охрид ги продолжи договорите со сите играчи од актуелната постава од минатата натпреварувачка сезона. Танески открива дека бил потпишан договор со уште двајца други ракометари, хрватскиот интернационалец пикерот Милан Клаиќ кој за прв пат потпишува договор во Македонија и тоа со РК Охрид и босанецот Дервиш Бирдахиќ кој исто така за прв пат доаѓа во Македонија. Танески не крие дека заслугата за тоа е што клубот финансиски добро стои, а секако за тоа голема е поддршката на општина Охрид.

„Буџетот за оваа натпреварувачка сезона е скоро исполнет. 90% од обврските кон играчите и добавувачите на клубот се исплатени, знаеме дека општина Охрид е најголем финансиер на клубот, но клубот беше потпомогнат и со многу спонзори од градот. Финансиската состојба во моментов е добра“

Буџетот за наредната натпреварувачка сезона е за 15 до 20 % поголем, информира Танески. Во моментов 8 играчи од младинците имаат професионални договори со сениорската екипа на РК Охрид 2013, за што добиваат и одредени стипендии бидејќи се средношколци. Претседателот на УО вели дека Охрид располага со многу квалитетни млади ракометари затоа и неслучајни се нивните успеси, а еден ден тој очекува дека Охрид може да добие типично охридски тим во супелигата.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top