Столици и маси насекаде

Столици и маси насекаде. Шетачите нема каде да поминат, а сопствениците на летните тераси ловат во матно. Поради политичката состојба во државава и нефункционирањето на градскиот совет одлуката за поставување урбана опрема остана неизгласана. Инспекторите велат дека ќе бидат толерантни, но да не се злоупотребува нивната добра воља. Предлагаат до донесувањето нa одлуката да се почитува жолтата линија за поставување столици и маси.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Градот блокиран со столици и маси  поставени на летните тераси. На улицата „Гоце Делчев“ или позната како старата чаршија неколкуте ресторани  буквално го имаат узурпирано просторот па минувачите не можат да се разминат. Дополнителен метеж создаваат и подвижните реклами поставени на средината од старата чаршија кои ги има на секој чекор па оние кои шетаат можат да се сопнат на нив. Истата слика е и во центарот на градот. Речиси целокупната урбана опрема на летните тераси на градскиот плоштад е поставена надвор од жолтата линија која годиниве наназад требаше да биде некоја граница до каде да се поставуваат столици и маси. Од Општинскиот инспекторат не успеавме да стапиме во контакт за да ги запрашаме дали вршат контроли околу поставувањето на урбаната опрема и ако исконтролирале што затекнале. Нo во разговор со раководителот на пазарната инспекција во Охрид, Ѓорѓи Бошалевски ни беше кажано дека инспекциите имаат проблем по ова прашање. Со политичката ситуација во државава, поради завршувањето на мандатот на Советот на општината многу одлуки посебно важни за градов за летниот период останаа недонесени. Една од нив е и планот за поставување на урбана опрема. Голем дел од сопствениците на летните тераси имаат поднесено барања до општината за поставување урбана опрема, но не им се потпишани. Бошалевски објаснува дека чекаат Советот на кој му се продолжи мандатот до локалните избори што поскоро да свика седница па овие точки да бидат ставени на дневен ред. Дотогаш инспекторите ќе покажат флексибилност при контролите, но тоа да не се злоупотребува. Сугерира додека не се донесат новите одлуки да се почитува жолтата линија за поставување столици и маси како не би се нарушил изгледот на градот.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top