Наместо да се решава хаосот од возила на дел од улицата „Абас Емин“, кој води до градилиштето на современиот градски пазар, состојбата со овој дел од патот се комплицира. Утрово пазарџиите, дуќанџиите и работниците од АД Илинден, имаа вербален конфликт кој можеше да премине во физички да не интервенираше полицијата. Тие утрово не можејќи да најдат решение за хаосот со возила и непрописно паркирање и задржување едни на други на одалеченост од само 20тина метри си го блокираа патот.
Проблематичниот крак на ул „Абас Емин“, откако отпочна изградбата на современиот охридски пазар, се претвори во арена на конфликти помеѓу пазарџиите, дуќанџиите и работниците на АД „Илинден“. Не поминува ниту еден ден без кавга на овој потег, а утрово по се изгледа дека состојбата кулминираше, бидејќи беше повикана на помош и полицијата. Краткиот пат кој се користи како влез на тешката механизација и камионите до градилиштето на современиот пазар, служи и за дотур на роба на пазарџиите, дуќаните и маркетот. А истиот е и единствен пристапен пат на станарите кои со своите возила треба да излезат или влезат во подземната гаража на станбената зграда до која е времено дислоциран зелениот пазар. Овој пат е секојдневно блокиран. Од понеделникот тука е поставена барикада и човек од страна на АД Илинден, кој по се изгледа би требало да внимава патот до градилиштето да е слободен за камионите на градежната фирма. Но тоа пак ги разлути дуќаџиите кои велат дека прометот им опаднал откако отпочнала изградбата на современиот пазар, а сега кога муштериите гледаат затворен пат воопшто и не доаѓаат. И пазарџиите го изразија својот револт од несреќниот избор на локацијата за времена дислокација на зелениот пазар додека се гради новиот. Најавите на СВР Охрид дека ќе бидат преземени сите неопходни мерки со цел непречено одвивање на сообраќајот на улицата „Абас Емин“ каде има движење на товарни возила кои носат градежен и друг неопходен материјал за изградба на затворениот пазар, не вродија со плод за да се ублажи секојдневниот хаос од возила. ТВМ ТелевизијА побара информација од СВР Охрид , што ќе биде преземено за решавање на ова тесно сообраќајно грло. Од полицијата најавија мерки поврзани со контрола на овој дел од улицата.
Како што за ТВМ кажа портпаролот на Секторот, Стефан Димовски, повремено но и по потреба ќе имало физичко присуство на полициски службеник кој ќе вршел регулирање на сообраќајот, но и ќе преземал мерки кон другите учесници кои, на било кој начин го отежнуваат нормалниот сообраќаен режим на оваа улица. Најави и подигнување со пајак служба на неправилно паркираните возила. Но очигледно ништо од тоа или не се спроведува или не дава резултати затоа што полицијата беше присутна овде денеска да смирува конфликт.
Инаку според сообраќајното решение, за дотур на градежни материјали на градилиштето, како влез ќе се користи улицата „Абас Емин“ а товарните возила не смеат да се движат кон централното градско подрачје. Единствено, во исклучителни случаи кога ќе има неоходна потреба од дотур на габаритни материјали, ќе биде дозволено нивно привремено застанување на булеварот „Туристичка“ до сегашниот главен влез во градскиот пазар. Сите овие мерки треба да се вршат со целосно присуство на полициски службеници кои нагласено ќе се ангажираат за безбедноста во сообраќајот.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град