Матурска парада за убав завршеток на средношколските денови

Матурантите од охридските средни училишта точно напладне со играњето на квадрилот и официјално ги завршија своите средношколски денови. Како и секоја година, така и оваа, преку матурската парада, младите ја пратија универзалната порака за ненасилство и мир.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Точно напладне по единаесетти пат на плоштадот „Св. Климент Охридски“ се слушнаа звуците на штраусовиот Лилјак. Матурантите од охридските средни училишта облечени во црвени и жолти маички, пред многубројната публика во која покрај родители и нивни блиски имаше и многу љубопитни минувачи, го танцуваа матурскиот квадрил. Како и секоја година, така и оваа, преку матурската парада, младите ја пратија универзалната порака за ненасилство и мир. Парадата засекогаш ќе остане во нивното сеќавање како една убава завршница на средношколските денови.

Оваа парада сигурна сум дека ќе ја памети секој од нас. Со тоа го заокружуваме овој период од нашиот живот. Сега не чекаат нови предизвици. Јас планирам да се запишам на ФИНКИ па се надевам дека оваа моја желба ќе ми се оствари, рече матурантката Поликсена Тунтева.

Во оваа матурска парада годинава беа вклучени 400 матуранти кои веќе традиционално чекорите на танцот ги усовршуваа под менторство на професорката Соња Думбалова Делова.

Работевме цел месец, интересот беше голем и затоа денес матурантите достојно не претставија. изјави професорката Думбалова.

Професорите и директорите на средните училишта на матурантите им посакаа среќна матура, успешно завршување на средното образование и запишување на факултетот, кој го одбрале.

Им посакувам успешно да ги поминат матурските испити и да ја прослават матурската вечер и во иднина да им се остварат сите желби, рече Костоска.

Годинава во оваа матурска парада требаше да се вклучат околу 1.000 матуранти од 16 средни училишта од Скопје и нивните врсници од Струга, Охрид, Струмица и Гевгелија или околу 2.000 ученици. Истовремено танцуваа матурантите од уште шеесетина градови на Централна и Југоисточна Европа.
Парадата на матурантите почна да се организира во 2001 година во Љубљана, а во Македонија првпат се одржа во 2007 година во Скопје и во Охрид во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и Танцовиот спортски клуб „Ритам плус“ од Скопје.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top