Федерика Могерини и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан ја поздравија одлуката на претседателот Ѓорге Иванов
Два дена пред истекот на уставниот рок, претседателот Ѓорге Иванов му го додели мандатот за состав на новата влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Остранети се пречките, рече Иванов, а Заев достави гаранција за унитарноста.
Со разменување на по еден лист хартија со шефот на државата Ѓорге Иванов, претседателот на СДСМ Зоран Заев стана мандатар. Тој во име на парламентарното мнозинство ја прочита писмената изјава на која е лично потпишан. Со неа се гарантира заштита на унитарноста, територијалниот интегритет, уставниот поредок, мултиеничноста…
По кратката средба која двајцата ја имаа во претседателскиот кабинет, Заев рече дека очекува да ја состави новата влада пред истекот на рокот од 20 дена. Преговараме со ДУИ, Алијансата за Албанците и Беса за учество во новата влада, додаде мандатарот. Очекува и мирен трансфер на власта.
„Јас верувам дека сите се уплашени како луѓе од тоа што го видовме на 27 април, верувам и тие. Тоа нека биде порака, поука до сите да не се повтори никогаш. Учеството во работните средби, во саботата, на претставниците на сите политички партии мене ми дава надеж дека низ институциите на системот ќе се носат сите одлуки. Јас сакам успешен мандат, а за тоа ми треба соработка со идната опозиција“, рече Заев.
Кратко време по давањето на мандатот, шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан ја поздравија одлуката на претседателот Ѓорге Иванов.
„Се надеваме дека овој конструктивен дух ќе продолжи да преовладува, за земјата конечно да може да излезе од политичката криза. Сега очекуваме брзо формирање влада посветена на спроведување на сите делови од Договорот од Пржино и на Итните реформски приоритети“, се наведува во заедничката писмена изјава на Могерини и Хан.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град