Согласно Законот за работни односи дозволено е ангажирање работници на определено време, на еден, два, шест месеци или година дена. Но оваа мерка за дел од работниците е проблем, бидејќи сметаат дека ова право што работодавачите легално го имаат, го применуваат како правило, а не исклучок.
Според податоците објавени на веб страницата на АВРМ, од вкупно 13.515 засновани работни односи во јануари годинава, речиси две третини, или дури 8.503 се на определено, а останатите 5.012 на неопределено време. Оваа статистика на регистрирани пријави на засновани работни односи што ја води Агенцијата за вработување на Република Македонија е само потврда дека во нашата земја има многу повеќе работници на определено, отколку на неопределено работно време.
„Во последно време и кај нас како и во западните земји тренд е договорите да се склучуваат на определено време и тие можат да траат бесконечно, односно додека работодавачот има потреба од работницит“ – вели Јован Баткоски од АВРМ Охрид.
Актуелната законска регулатива налага работниот однос по пет години на определено време, задолжително да биде трансформиран во работен однос на неопределено време. Според работниците, има изигрување на оваа обврска, што ја потенцира несигурноста на работните места, односно дека истата им оди во прилог на работодавачите. Баткоски појаснува зошто е тоа така во очите на работниците кои се врзани за некаков договор за определено време.
„Самиот договор престанува да важи и се откажува со истекот на времето по кое е заснован истиот. Во другите случаи кога станува збор за работен однос на неопределено работно време мора да постојат причини врзани за работникот за престанок на работниот однос. Во тој случај можат да настапат ситуации на приговори, тужење, на водење постапки за основаноста или неоснованоста за престанок на работниот однос. Токму од тие причини работодавачите се одлучуваат повеќе на склучување на договори за вработување на определено време“
Сигурност на работните места преку намалување на бројот на засновани работни односи на определено време е едно од актуелните барања на Сојузот на синдикатите на Македонија, кое се очекува да го разгледува новата влада. Оваа иницијатива на ССМ е само актуелизирање на стар проблем, кој иако има законска подлога, им создава големи главоболки на работниците, неодамна во телефонска изјава за ТВМ истакна Драган Цветкоски од регионалниот синдикален совет.
„Проблем и во регион Охрид е засновањето на работен однос на определено време па со тоа се манипулира со работниците, да не можат своето право ако настојуваат своето време по истекување на рокот значи им престанува работниот однос“
Сите предлози за намалување на бројот на договорите за работа на определено време се наоѓаат во Протоколот за социјален напредок што неодамна го презентираше синдикатот, а според најавите на Цветкоски во скоро време истите ќе се најдат на дневен ред на Социјално-економскиот совет.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град