Се уредува крошната на Чинарот кај Кошишта. Ова столетно дрво досега не е ниту еднаш стручно искастрено, а некои од неговите гранки кои се веќе суви преставуваат опасност за минувачите. Ова е дел од проектот за ревалоризација и ревитализација на седум платанови стебла во градов кој неодамна го изработи Одделението за заштита и влијание врз животната средина при општина Охрид.
Започна уредувањето на крошната на Чинарот во населбата Кошишта кој е стар околу 500 год. Ова е дел од проектот за ревалоризација и ревитализација на седум платанови стебла во градов кои со Законот за заштита на природните реткости од 1973год. се прогласени за споменици на природата, а кој неодамна го изработи Одделението за заштита и влијание врз животната средина при општина Охрид. Проектот предвидува утврдување на состојбата на чинарите и на стариот кочеџик кај црквата Св. Богородица Перивлепта, изработка на елаборат за нивна ревалоризација, како и мониторинг и конзерваторски мерки за санација на чинарите кои се заштитен знак на Охрид. Денес се интервенираше на чинарот на пресекот на ул. „Абас Емин“ спрема ул. „Гоце Делчев“ и ул. „Кирил Методиј“ бидејќи се наоѓа во мошне лоша состојба, а потврда на тоа е инцидентот што се случи неодамна кога гранка се скрши и падна врз возило. Ова е прв пат стручно да се интервенира на ова дрво.
Проектот за заштита на чинарите во Охрид го реализира Друштвото за еколошки консалтинг Деконсема од Скопје, чии тимови извршија скенирање на состојбата на секое стебло поединечно. Покрај степенот на загрозеност, предвид ќе биде земено и културно-историското значење на секое дрво, а извештајот треба да им помогне на надлежните институции да донесат одлука кое стебло понатаму е вредно да биде ревитализирано и заштитено со закон. Уредувањето на крошната од Чинарот во населбата Кошишта е под раководство на проф. Јане Ацески од Шумарскиот факултет со асистенција на Ј.П. „Охридски комуналец“.
Од овој чинар пред некој период одредени гранки се скршија и по интервенција на градот ме повикаа да дојдам за да интервенираме и да видиме првично во каква состојба се наоѓа дрвото и што може почетно да се санира. Моментално врвниот дел е мошне уништен и е трул и најверојатно ќе треба да се отстрани за да не претставува опасност, а понатаму ќе видиме во каква состојба се другите гранки, бидејќи многу често може да изгледаат од надвор здраво, а внатре да се трули, објаснува проф. Ацески.
Со овој проект се опфатени чинарот на плоштадот „Крушевска република“, Чинарот на крстосницата на ул. „Гоце Делчев“ и ул. „Абас Емин“, чинарот на пресекот на ул.„Гоце Делчев“ со улица „Бистрица“, две стебла чинар пред просториите на Црвен крст, едно стебло чинар на крстосницата на ул. „Јане Сандански“ со бул. „Туристичка“, чинарот кај горна влашка маала и кочеџикот во дворот на црквата Св.Богородица Перивлепта. Овој проект би требало да заврши до наесен и чини околу 540 000 ден.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град