Во Дебрца старите куќи се пренаменуваат во туристички апартмани

Дел од старите куќи во руралните средини во Дербрца се пренаменуваат во туристички апартмани за сместување. Градоначалникот Игор Трајкоски вели дека интересот за субвенции на селските домаќинства за туристички цели во неговата општина расте. Неговите очекувања се дека со тоа ќе се зголеми и бројот на туристи.

 |  Николоска Биљана  | 

Се поголемо внимание привлекува пренамената на старите куќи во туристички апартмани за сместување гости, во општина Дебрца. Субвенционирањето кое што минатата година го отпочна Владата за оваа намена, допринесе да се зголеми интересот за субвенции на селските домаќинства за туристички цели во општината, истакна градоначалникот Игор Трајкоски. Тој додаде дека со оваа мерка, како и со отворање на национални ресторани „меани“, за кои исто така се предвидени субвенции од државата, се очекува да се зголеми бројот на туристи во општината, која брои 30 села.

„Министерството за економија субвенционира адаптација на такви куќи во висина до 200 000 денари. Тоа е одлична можност за жителите да аплицираат и да добијат вакви субвенции, а ги повикувам воедно да ја искористат оваа можност што ја дава државата“

Трајкоски исто така нагласи дека програмата предвидува и субвенционирање на трошоци за различни настани, манифестации, фестивали во областа на туризмот, кои носат дополнителен број посетители во руралните средини.

„Збогатување на самата туристичка понуда, така и економски инпут за самите граѓани, односно издавањето на тие куќи ќе донесе економски прилив во самите семејства“.

Субвенциите кои се однесуваат на адаптација и уредување на селските куќи се 60 отсто од докажаните трошоци, но не повеќе од 200.000 денари по домаќинство. Исто така, со 60 проценти од трошоците, до 120.000 денари, ќе се субвенционира уредувањето на национални ресторани „меани“, кои ќе бидат брендирани со ознаката грне.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top