Утринава повторно труење на куче во Охрид. Активистите на Анималија не успеале да го спасат бидејќи отровот кој бил ставен во храната бил многу силен. Уште потрагично е што овој немил настан се случи на детско игралиште. Повикана била и полицијата, но им кажале дека тие немаат ингеренции за вакви случаи.
Отруено е куче и тоа на детско игралиште во близина на детската градинка и училиштето во Лескајца во Охрид. Отровот кој бил расфрлан бил со силно дејство и смртоносен. За овој немил настан не информираа загрижени активисти од Анималија. Климент Арнаудов активист во Анималија вели дека доказниот материјал сеуште е тука, но за жал надлежните без коментар.
„Две кученца беа затруени вчера, едно умре за жал, другото успеавме да го спасиме благодарение на интервенцијата на ветеринар Тони и Ване. Сабајлево исто така во раните утрински часови се случи овој немил настан, отровот беше пресилен и не успеавме да го реанимираме. Она што е фрапантно е тоа што и полицијата креваше раменици, префрлше одговорности…..како граѓани загрижени, активисти не знаеме веќе каде да се обратиме за да можеме она што е со закон пропишано и она што е морално да го спречиме, не знаеме каде да се обратиме за да најдеме поддршка од институцииве“.
Не е решение работите да ги преземеме во наши раце, бидејќи тоа само дополнително би ги искомплицирало работите, вели Арнаудов. Дополнува дека должноста како граѓани ја исполнуваат, односно се она што го забележуваат како неморално, противзаконско, го пријавуваат.
„Знам дека постои Закон кој што ги штити нивните права, интерес и благосостојбата. Во Законот не е пропишано кој треба да постапи, меѓутоа логично мене како граѓанин прво што ми доаѓа на мисла е да повикам полиција, после тоа какви се постапките, полицијата треба да си изнајде механизам за евентуално да се направи истрага кој го фрлил тој отров и зошто, која земјоделска аптека дозволила на физички лица да им продава отров, како тоа да се бомбони а не нешто што може и човек да убие. Предосеќам ако вака продолжиме несовесно како институции да делуваме и да го толерираме ова злокобие, монструозност и ѕверство следната жртва ќе биде некое дете, значи се ближи денот“
Активистите предупредуваат, доколку институционално не се реши овој проблем за домашните миленичиња, не може да се очекува проблемот да го решат активистите и невладините организации, бидејќи нив рацете не само што им биле врзани, туку немале механизми и финансиски средства за ова нешто да се спречи. Арнаудов смета дека крајно време е надлежните да размислат за да се формира полиција за животни, бидејќи полицијата повеќе била фокусирана кон цивилниот сектор и не можела да постигне со сите случувања во однос на правата на луѓето, а камо ли за животните.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град