Низ градов насекаде се веат државни знамиња

Низ градов насекаде се веат државни знамиња, а не е ниту празник ниту ден на жалост, ниту пак доаѓа некаква делегација. Граѓаните прашуваат зошто градот е закитен со овој национален симбол и дали тоа е дозволено. Од Локалната се оградуваат дека тоа не е во нивна надлежност, а од СВР Охрид велат дека се е според Законот за знамиња.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Веќе неколку дена низ градов на повеќе локации се вее македонското знаме. Граѓаните прашуваат по кој повод се поставени знамињата и тоа на локации кои општината ги има одредено за поставување на овај симбол кога се празници, кога е ден на жалост или пак имаме посета на градов од страна на некоја делегација. Знамиња има кај кружните текови кај Охридска банка и кај гимназијата, а се веат и на градскиот плоштад.

Истакнувањето на знамето на РМ не го одредува општина Охрид. Таа само ги истакнува местата каде може да се постави знамето. Други државни органи или институции треба да преземат мерки против тој што истакнува знаме без дозвола, вели Томе Џамтоски, портпарол на Локалната самоуправа.

Од СВР Охрид велат дека тие работат согласно одребите на Законот за знамиња. Според тој закон поединци или група граѓани или здруженија не се задолжени да ја известат полицијата за поставувањето на знаме на јавна површина или приватен имот. Стефан Димоски, портпаролот на СВР Охрид вели дека ако некој треба да биде информиран за поставувањето знамиња во градов тоа е Локалната самоуправа. Тој тврди дека во конкретниов случај не е повреден Законот за знамиња и нема основ за тие да преземат некакви мерки.

И додека институциите си ја префрлаат топката еден на друг, се добива впечаток дека државното знаме може да го поставува на јавна површина секој, кога, каде и како сака и при тоа не треба да побара довола или да извести ниту еден орган.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top