Сеирџии

Колку навистина се грижиме што му се случува на Охридското езеро со кое сите сакаме многу да се гордееме. Последните случувања со драстично намалениот водстој уште еднаш ја покажа нашата инертност. Охридската јавност  се препукуваше по социјалните мрежи. Од Локалната власт граѓаните не слушнаа коментар. На Охрид СОС му се префрлаше дека е нерегистрирана граѓанска платформа која ја оцрнува сликата за градов а регистрираните еколошки друштва останаа неми.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Охридската јавност и локалната власт набљудувачи на случувањата со драстично намаленото ниво на водата во езерото. Иако во изминатиов период имаше многу коментари за тоа што му се случува на езерото, се доби впечаток дека охриѓани своето непроценливо богатство се спремни да го бранат на социјалните мрежи. Инертни останаа и советниците кои иако можеби немаат директни ингеренции во врска со езерото не свикаа барем една вонредна седница на совет на која ќе се дискутираше на оваа тема.

Јас сум запрепастен од реакциите на многумина кои членуваат во советот од неколку аспекти. Првиот аспект е тоа што нам граѓаните ни ја дале довербата во овие четири години во најмала рака да алармираме, а ако зборуваме институционално ние сме една од институциите. Ние како советнци можеме да поднесиме групна тужба бидејќи каде е одговорноста на компанијата која произведуваше повеќе електрична енергија од потенцијалите што моментално ги има езерото, вели советникот Дејан Блажески.

Неми останаа и еколозите. Ниту едно од регистрираните еколошки друштва во градов не излегоа  јавно да го искажат својот став и да побараат одговори и одговорност од надлежните. Дејан Паноски, национален координатор на  проектот за Дримскиот басен и советник во градскиот совет вели дека многу често ги занемаруваме еколошките проблеми и немо гледаме како некој ја уништува природата. Но потенцира дека природата секогаш памети и враќа. Според него се она што се случуваше со езерото требаше да ги обедини сите и граѓаните и институциите. Најгласни секако требаше да бидат оние кои се најрелевантни, дециден е Паноски.

Без гласот на науката изгубени сме сите. Ние имаме две научни институции кои буквално можат да командуваат со градот. Тоа е Хидробиолошкиот институт и Заводот за заштита на спомениците. Тие имаат и законска основа да го прават тоа и не смеат да дозволат пред очи да им се случуваат работи кои ќе бидат штетни и за генерации после нас, вели  Паноски.

Инаку нивото на водата во езерото пред еден месец се спушти на најниската кота која се памети досега, а тоа е 693,10. ЕЛЕМ кое стопанисува со Црн Дрим преку кој се регулира нивото на езерото поради тоа истекот го сведе на биолошки минимум.  Моментално од УХМР велат дека нивото на езерото е на кота од 693,11 или за еден сантиметар повисоко од најниската кота.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top