Маслена дамка во водите на езерото кај малото пристаниште. За какво загадување станува збор не е утврдено, затоа што инспекторите не побарале од Центарот за јавно здравје анализа на материјата. Од инспекторатот недостапни за информација дали воопшто излегле на терен. Инаку појавата на маслени дамки во езерските води на овој потег и во овој период од годината не е ретко.
Во водите на езерото , на кејот кај малото пристаниште, тажната слика на повлечената вода ја надополни и дамка во радиус од околу два метри која изгледа како излеани деривати на нафта. Природата на загадувањето не е утврдена бидејќи од Центарот за јавно здравје досега не било побарано да се направи хемиско и микробиолошко испитување за да се утврди за какво загадување станува збор. Се обидовме да стапиме во контакт со комуналниот инспекторат и со инспекторатот за животна средина при локалната самоуправа. Не успеавме да добиеме одговор од надлежните дали инспектори излегле на терен и што констатирале.
Појавата на масни дамки во езерската вода токму на овој потег не е ретка.
За потсетување, овој период од годината пред 7 години на истиот потег се појави флека во езерото покрај брегот во должина од 60 метри. Тогаш надлежните претпоставуваа дека се работи за материјал од нафтени деривати истурен во канализациската мрежа а од Државниот инспекторат за животна средина најавија кривична пријава против непознат сторител и утврдување на потеклото на загадувањето и загадувачот.
Во 2012 во февруари на потег од хотел Палас до споменикот на Св. Кирил и Методиј се појави маслена дамка која формира појас покрај брегот навлегувајчи 100 метри во езерото. Тогаш екипа од Центарот за јавно здравје на повик од државниот инспектор за животна средина констатира дека се работи за нафтени фракции , мешавина од бензин и нафта. Тоа беше втор случај таа година а сторителот остана непознат.
И во 2015та година во истиов период се појави маслена дамка која се протегаше од хотел Милениум до хотел Ројал.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град