Студената зима им ги изгоре дрвата на граѓаните

Граѓаните кои се греат на дрва речиси ги потрошија иако зимата сеуште не е помината. Посебно се загрижени пензионерите кои прашуваат дали ќе можат да набават уште некој кубик дрва преку Здружението на пензионери кое им дава можност за плаќање на рати. Од ова охридско здружение објаснуваат дека таква можност нема.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Студената зима им ги изгоре дрвата на граѓаните. Голем дел од нив се жалат дека речиси веќе и да немаат дрва за огрев. Посебно се загрижени пензионерите. Прашуваат дали оние кои се снабдија со дрва преку Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца ќе можат повторно да нарачаат бидејќи на ваков начин дадена им е можност дрвата да ги плаќаат на рати, а тоа е големо олеснување за нивниот буџет.

Сега преку здружението не може да се нарачаат дрва. Ние веќе запишуваме заинтересирани кои сакаат да купат дрва на рати, но тие ќе ги добијат дури на есен. Сите кои имаат потреба од дополнителна количина на дрва ќе мора да си набават сами, а не преку здружението, објаснува претседателот на Здружението на пензионери на Охрид и Дебрца, Ѓорги Трпчевски.

На пензионерите дадена им е можност за плаќање на осум до десет рати. Трпчевски објаснува дека од октомври започнува запишувањето за плаќање на рати за наредната година. Ова  охридско здружение на пензионери има склучено договор со шумското стопанство „Галичица“ и од таму го набавуваат дрвото. Од оваа година новина е што здружението има склучено договор и со превозниците кои треба да ги дистрибуираат дрвата од шума до домовите на потрошувачите.

Ние за минатава година целосно ја извршивме обврската кон сите пензионери кои набавија дрва преку здружението и ги снабдивме навреме. Но, сега имаме проблем со некои од нив кои сеуште не си ги имаат подмирено обврските и не ги имаат исплатено ратите. Апелираме тоа што поскоро да го направат бидејќи ние имаме обврска кон шумското претпријатие. Парите треба да се платат, вели Трпчевски.

Инаку најголема побарувачка и минатата година и сега има за бука и даб. Буката чини 2370 ден. за метар кубен, а дабот 2450ден. Преку здружението на пензионери дабот чини 2650 за метар кубен, а буката 2550ден. со вклучен превоз.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top