Нивото на Охридското Езеро е -11 сантиметри под дозволента кота

-11 сантимерти под дозволеното е нивото на водата во езерото. Екипи од хидролози од Управата за хидро метеоролошки работи на Македонија денес вршеа мерење и утврдија дека состојбата е загрижувачка. Сега ЕЛЕМ е на потег кој треба да го затвори испустот кај Струга за да може нивото на езерото да дојде до оној реално дозволен минимум, велат од УХМР.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Нивото на Охридското Езеро е -11 сантиметри под дозволента кота која изнесува 693,10. Дозволениот максимален минимум е 693,07 или -7 сантиметри од најниската кота што значи дека сега дури за 4 сантиметри нивото е пониско од минимумот. Ова се најновите податоци од УХМР од каде екипа на хидролози денес беа на лице место да го мерат нивото на езерото.

Добро е што јавноста реагира. Ние како УХМР сме на лице место и потврдуваме дека водостојот е многу низок и треба многу внимателно да се испушта водата од езерото кај Струга. Тука сега ЕЛЕМ е на потег кој треба да го затвори испустот кај Струга за да може нивото на езерото да дојде до оној реално дозволен минимум, вели Васко Стојов, раководител на хидрологија во УХМР.

Од УХМР укажуваат дека ЕЛЕМ треба крајно сериозно да ја сфати состојбата со нивото на езерото бидејќи ова била исклучително сушна зима посебно декември кога речиси и да немаше врнежи од дожд. Врнежите од снег сеуште не се топат поради ниските температури па не може да се очекува дека по природен пат езерото за брзо време ќе се наполни, а и реките, изворите и потоците во зимскиот период немаат голема издашност, објаснува Стојов.

ЕЛЕМ е обврзана самата да врши мониторинг на езерото и на реката Црн Дрим,а ние сме тука како една контролна институција која го следи нивото на езерото. Ние секојдневно испраќаме информации, но утврдено е дека има грешка во последните податоци овие неколку дена бидејќи на самата водомерна летва забележавме мов кој бил причина за добро да се прочитаат податоците, вели Стојов.

Водостојот на езерото е понизок од податоците кои УХМР ги добувала од набљудувачот односно читачот на водомерната летва. Денес екипите од УХМР ги заменија водомерните летви за во иднина да нема вакви пропусти, а апелираат и до граѓаните доколку забележат некакви промени во езерото да се алармира до надлежните институции. И на електронската табла  или панелот на пристаниште, на кој се прикажуваат податоците за температурата на водата и нивото на водата во езерото од пред извесно време биле покажувани погрешни параметри. Водостојот на езерото е -11, а на панелот покажувало -17. Такви грешки се можни бидејќи мерењето не е физичко туку преку импулси кои можат да направат проблем во софтвертот на отчитувањето. Каде што е сондата за мерење на нивото на водата имало многу наноси од песок кои влијаеле на импулсите кои биле праќани до софтверот. Информативната табла доколку не биде поправена ќе биде заменета со нова, а дотогаш се молат граѓаните да не се базираат на тие податоци.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top