Конститутивната седница треба да биде свикана најдоцна до сабота, 31 декември
Во Државната изборна комисија денеска попладне ќе бидат врачени уверенијата за новите пратеници избрани на предвремените парламентарни избори 2016.
Се очекува по врачувањето на уверенијата, Собранието да го соопшти датумот на одржување на конститутивната седница, која треба да биде свикана најдоцна до сабота, 31 декември, на полноќ. Конститутивната седница, според најавите, ќе ја свика и со неа ќе претседава претседателот на Собранието во заминување Трајко Вељаноски.
Засега нема информација дали на истата седница ќе бидат избрани претседател и заменици претседатели на Собранието или само ќе бидат верифицирани мандатите на пратениците.
Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.
Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.
Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град