Сеуште се испитува од каде доаѓа непријатната миризба во Охридати

Инспектор по животна средина и претставници од ЈП „Нискоградба“ и во петокот и денес се на терен кај населбата Охридати. Испитуваат од каде доаѓа непријатната миризба која се шири во домовите на станарите во оваа населба за што добиле пријава. Засега е утврдено дека шахтите се чисти и нема остатоци од некакви хемикалии, нафта или масло. Овај случај и понатаму ќе се испитува.

 |  Јаковлева Лионела  | 

 

Жителите од блокот згради на улица „Партизанска“ со пресекот на улицата „Асном“ од минатата недела мака мачат поради неподносливиот мирис од хемикалија кој се шири во нивните домови. Тие поднеле писмено барање до комуналната инспекција од каде им било кажано дека ќе извршат увид на терен. Од Локланата велат дека инспектор по животна средина и претставници од ЈП „Нискоградба“ уште во петокот биле во овој дел на градот да проверат за што станува збор.

Она што екипите на ЈП „Нискоградба“ го утврдиле е дека шахтите се чисти и дека нема никакви остатоци на масло, нафта или хемикалија. Но останува фактот дека таа миризба од некаде доаѓа и верувам дека во текот на денешниов ден ќе имаме поцелосни податоци за што станува збор бидејќи таму покрај приватни згради и куќи има и хотелски капацитети и ресторани па допрва ќе се испитува од каде доаѓа миризбата, вели Томе Џамтоски, портпарол на Локалната самоуправа.

Жителите од овој комплекс на згради нагаѓаат дали станува збор за мирис на боја, разредувач или бензин и стравуваат за сопственото и здравјето на семејствата.

Денес пак екипи од „Нискоградба“ и од комуналниот инспекторат се на терен и се надевам дека ќе биде позната причината за оваа миризба односно оваа пријава од граѓаните. Но она што можам да го кажам со сигурност дека од местото каде е пријавен случајот проверени се сите шахти и нема индикации дека некој истурил масло или нафта во шахтите, вели Џамтоски.

Џамтоски кажува дека доколку се утврди кој е сторителот тој ќе подлежи на санкции бидејќи ова е директно загадување на животната средина каде последиците можат да бидат подалекусежни.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top