Социјалните мрежи, мегдан за препукување. Разно разните постови и коментари преполни со говор на омраза. Посебно тоа е евидентно во последниот период и е поврзано со актуелните политички случувања во земјата. Од Хелсиншкиот комитет за човекови права велат дека мора да се изнајдат механизми за контролирање и санкционирање на ваквите појави.
Социјалните мрежи преплавени со говор на омраза. Посебно е застапен во последниот период и е поврзан со актуелните политички случувања . Меѓу многубројните статуси можат да се прочитаат голем број навреди, клевети, пред се помеѓу граѓани кои се симпатизери или припаѓаат на различни политички опции.
За жал состојбите во Македонија укажуваат дека говорот на омраза се употребува пречесто меѓутоа релевантните државни институции кои се надлежни да се борат со него односно да го казнуваат се неми за говорот на омраза, вели Елена Брмбевска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Од февруари 2014 во Република Македонија на сила се законските одредби кои забрануваат и казнуваат говор на омраза и ширење на материјали преку интернет кои промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз која било дискриминаторска основа. Но кога станува збор за социјалните мрежи. преземањето на санкции е потешко. Причина за тоа е што често пати корисниците на социјалните мрежи се анонимни, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Но, има и „чисти“ случаи каде е познат профилот на оној кој го шири говорот на омраза и од тука сметам дека не би претставувало проблем за истиот тој да се гони. Пријавувањето на говорот на омраза на социјалните мрежи има неколку механизми. Може да се пријави на самите социјални мрежи на Фејсбук или Твитер кои имаат воспоставени механизми за пријавување на говор на омраза и веднаш би се отстранил од самата социјална мрежа, вели БРмбевска.
Може правно да се делува доколку профилот-идентитетот на оној кој го шири говорот на омраза е познат. Во тој случај постапката може да се поднесе и пред домашните судови, односно да се пријави во полициски станици, кај јавни обвинители или кај народен правобранител, објаснува Брмбевска.
Инаку, под говор на омраза се подразбира секој начин на изразување кој промовира омраза кон едно или повеќе лица поради нивните лични карактеристики или припадноста кон одредена група или заедница и секој граѓанин може да биде жртва на говорот на омраза.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град