Охрид се приклучи на 17тата по ред акција, „Ден на дрвото, засади ја својата иднина“. Во паркот по кејот на езерото се посадија 15 садници на дрвото туја, а се садеше и на Мауцкер. Денес во Охрид пристигна и Џери Наумов, министерот без ресор кој ја поздрави акцијата и засади дрвце.
15 садници на дрвото туја денес беа засадени во паркот по кејот на езерото во рамките на 17тата акцијата Ден на дрвото. Охридските советници , политичари и граѓани засадија по едно дрвце со надеж дека еден ден тие ќе израснат во високи стебла кои ќе го красат паркот.
Тоа е еден од начините можеби и симболичен на кој ја покажуваме континуираната грижа за животната околина, општината со низа активности кои што се во нејзина надлежност постојано работи на подобрување на квалитетот на животната средина и на нејзината заштита. Ова е една извонредна можност да се приклучиме во нешто што е организирано на ниво на државата доби карактер на традиција и плодовите од овие акции ќе ги жнеат идните генерации, рече Гордана Коњаноска- претседател на совет на Општина Охрид.
Вработените во ЈП „Комуналец“ го подготвија местото и садниците кои се одгледувани во нивниот расадник. Иако временските услови денес не беа многу поволни поради ниските температури, овие дрвца се отпорни на студ и би требало добро да се фатат.
Ние секоја година се вклучуваме во оваа акција и својот допринос го даваме со наши садници и помагме оваа акција да се продолжи секоја година, рече Елена Скрческа- директор на ЈП Комуналец“.
Во досегашните 16 акции се пошумени речиси 13.000 хектари со над 35 милиони садници. А оваа акција и донесе и меѓународна афирмација на Република Македонија. Денес во Охрид пристигна и Џери Наумов, министерот без ресор кој се приклучи на акцијата и засади дрвце.
Многу убава акција бидејќи засадувањето дрва е многу значајно за да имаме чист воздух, придонесуваат за убавината на природата и треба да садиме што повеќе, рече Џери Наумов.
Утрово ученици од средните училишта, извидници и неколку претставници од општина Охрид и на локалитетот Мауцкер засадија дрвца во рамки на акцијата. Се садеа смреки и елки, за кои се смета дека се поотпорни дрва.
На ниво на Македонија на 503,89 хектари се садеа 2,611,143 садници на 60 локации во 30 подружници, а за пошумување се корисеа црн и бел бор, багрем, јасен, јавор, даб, костен и други.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град