Како ни се хранат децата додека се на училиште

Како ни се хранат децата додека се на училиште. Само во две основни училишта во градов има училишни мензи.  Директорите на оние училишта каде има мензи велат дека голем бенефит и за училиштето и за учениците е да имаат своја сопствена менза. За решавање на ова прашање би требало да се заложи и Локаланата самоуправа, сметаат тие.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Пециво со сирње и спанаќ и јогурт имаа денес децата на мени во училишната менза на ОУ „Христо Узунов“. Ова е едно од ретките основни училишта во градов каде има училишна менза и каде исхраната на учениците е организирана. Пред десетина години во училиштето имало кујна во која се подготвувал и топол оброк, но од пред три години кујната се дава под концесија. Како најдобар понудувач се јавува познатата охридска фирма „Жито леб“ која ги исполнила сите услови одредени од училиштето, а понудила и најдобра цена. Според договорот храната која им се дава на учениците треба да биде здрава, свежа а  во оброците да биде вклучено и овошје како што е бананата, јаболкото или пак преработки од овошје како што се овошните сокови.

Храната се подготвува во нашето училиште и мислам дека е многу добро организиранао сето тоа. Таа се дели по класови и се консумира на голем одмор. Интересот од кога е „Жито леб“ концесионер е доста голем бидејќи пецивата се свежи, се печат токму пред одморот за да бидат топли. Најголем интерес за да се хранат учениците во мензата има од прво до петто одделение, поголемите си носат од дома храна или си купуваат, вели Тони Симоноски- директор на ОУ „Христо Узунов“.

Дали ученикот ќе се храни во училишната менза или не одлучува родителот. Месечно за исхрана се плаќаат 660 ден., а за децата кои се социјални случаи исхраната е бесплатна. Храната постојано се контролира и тоа од страна на инспектори кои доаѓаат три пати месечно. Покрај во ОУ „Христо Узунов“ училишна менза има уште  во училиштето Св. Климент Охридски. И таму концесионер на училишната менза е Жито леб кој на тендерот и во ова училиште се јави како најдобар понудувач. Директорот Јордан Пуроски најавува дека се прават напори наскоро во ова училиште да се воведе и топол оброк за оние дечиња кои се во целодневен престој. Останатите училишта во градов немаат сопствени мензи па децата за исхрана се снаоѓаат како знаат и умеат. Најчесто си носат од дома што преставува дополнителен напор за родителите или пак купуваат во најблиските сендвичари и продавници што пак воопшто не е добар пример за избалансирана и здрава исхрана. Симоноски вели дека голем бенефит и за училиштето и за учениците е да имаат своја сопствена менза.

Придобивката е доста голема за едно училиште да има менза. Прво децата не излегуваат од школскиот двор па безбедноста на децата е загарантирана, исхраната е многу поквалитетна отколку да купуваат разни сендвичи или грицки, и би им препорачал на сите училишта кои немаат училишни мензи да изнајдат некој соодветен простор и да го адаптираат за оваа намена, рече Симоноски.

 За решавање на ова прашање би требало да се заложи и Локаланата самоуправа, сметаат директоите на училиштата. Во основните училишта во градов има 4800 деца. Доколку Локалната би одлучила да субвеционира еден ваков проект таа од буџетот би требало да одвои 15 мил. денари за оваа намена.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top