„За посреќно детство“ повторно меѓу охриѓани

Хуманитарната и спортско-рекреативна акција„За посреќно детство“ утре традиционално ќе се одржи во организација на  Црвен крст Охрид, а во соработка со Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите-сите за спорт“ и Сојузот на училишен спорт, и традиционалниот партнер на акцијата, Стоматолошки Центар Д-р Баткоски. ЗА учесниците ќе има многу забава, а за најсреќните и богати награди. Утре воедно ќе се одбележи и 1 октомври, Меѓународниот ден на старите лица.

 |  Јаковлева Лионела  | 

 „За посреќно детство“  повторно меѓу охриѓани. Оваа традиционална хуманитарна и спортско-рекреативна акција започнува утре во 11 часот со старт на трката од плоштадот кај Чинарот. Целта на трката ќе биде на градскиот плоштад „Климент Охридски“, каде ќе се одржат спортски, културно забавни и здравствено-едукативни содржини проследени со голем број награди. Акцијата е во организација на Црвен крст Охрид, а во соработка со Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите-сите за спорт“ и Сојузот на училишен спорт, и традиционалниот партнер на акцијата, Стоматолошки Центар Д-р Баткоски.

Ќе се игра фудбал, ракомет, кошарка, хокеј на трева, бадминтон, шах, пикадо, а за најмладите организираме и спортска дисциплина вртење хулахоп, скокање со јаже, значи ќе има за сите возрасти и категории. Сите оние кои ќе дојдат ќе се забавуваат, рекреираат и спортуваат, потенцира Мимоза Ставрева од општинскиот Црвен крст.

Од Стоматолошки Центар Д-р Баткоски и за годинава ветуваат голем број награди и изненадувања, како и бесплатни корисни совети и препораки за правилна грижа и заштита на здравјето на устата и забите кај децата и возрасните.

 Планираме овој пат да нема само совети и прегледи туку да учествуваме и ние во натпреварите. Ќе направиме една работилница каде најмладите ќе можат да ги покажат своите уметнички вештини. Најдобрите 12 цртежи од сите деца ќе бидат искористени за овогодинешниот календар кој ќе биде распространет низ сите градинки во Охрид, вели  Д-р Кирил Мандулоски од ординација Баткоски.

Учество на овој настан се обезбедува со купување на учеснички број кој чини 30 денари. Средствата собрани од продажбата на учеснички броеви за акцијата ќе бидат наменети за помош на децата со здравствени потешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебарца. Секој кој ќе купи учеснички број ќе има можност да се натпреварува во бројните спортски дисциплини со што станува потенцијален добитник на награда во големата наградна игра со преку 50 вредни награди (седумдневно зимување на Златибор, петдневен престој во Крагуевац, викенд во Крушево, курсеви за странски јазици, компјутерска галантерија и др.) кои ќе бидат извлекувани во живо на Телевизија ТВМ.
Воедно, 1 октомви е и Меѓународен ден на старите лица, па затоа на утрешниот настан ќе бидат присутни и пензионери и тимот волонтери од Црвен крст кои им помагаат на старите лица.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top