• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Оваа недела треба да завршат градежните работи на централниот објект на градинката „Јасна Ристеска“.

Оваа недела треба да завршат градежните работи на централниот објект на градинката „Јасна Ристеска“.

Во текот на оваа недела треба да завршат градежните работи на централниот објект на градинката „Јасна Ристеска“. Работите малку се оддолжија но од оправдани причини, објаснува директорката Розе Костоска. Сите занимални се оспособени за настава и активностите непречено течат.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Се наѕира крајот на градежните работи во централниот објект на градинката „Јасна Ристеска. Уште во текот на летото започна реновирањето на овој објект кој е стар повеќе од педесет години. Беа направени крупни зафати како промена на кровот, уредување на санитарните чворови, средување на занималните и холот. Директорката Розе Костоска заедно со целиот тим настојуваа работите да се завршат до почетокот на новата учебна година, но поради повеќе причини работата се пролонгира.

Уште на самиот старт очекувавме дека ќе ни е потребно повеќе време за да ги уредиме работите бидејќи се појавија проблеми со големите дождови кои ги имавме во изминатиот период па мораше да се чека одредено време да се исушат таваните и ѕидовите така да екипите кои работеа на отстранување на тие проблеми не можеа да продолжат со работа на некои делови каде имаше влага, бидејќи требаше да се корни целата трска и целиот таван, а тоа не само што сака време туку и пари, кои во моментов не можеме да ги обезбедиме за да се смени буквално целиот таван, вели директорката.

Уште еден проблем на кој наишле е влагата која била под паркетот. Кога тој се откорнал требало минимум месец дена да поминат за да се исуши подната површина па поради тоа наместо паркет ставиле плочки. Во моментов се приспособени сите занимални во кои се згрижени децата и во кои непречено се одвиваат предвидените активности, вели Костеска. Останува уште да се уреди холот и да се дозавршат санитарните чворови.

Во меѓувреме ни се појави уште еден проблем со водоводната мрежа кој најверојатно го немавме претходно забележано или пак се појави во текот на градбата. Забележавме дека сатот постојано врти, а водата беше исклучена, па моравме дополнително да ангажираме нови екипи и нови средства и комплетно да ја смениме целата водоводна инсталација во целиот објект со тоа што се копаше низ дворот на градинката и се инсталира нова надворешна мрежа со пластични цевки, а за сето тоа требаше време за да го завршиме, објаснува Костеска.

Директорката на градинката вели дека она што не ќе биде доправено ќе се прави во викендите. За работите да се завршат што побрзо помагаат хигиеничарките и од другите објекти. Инаку, групите се веќе формирани во сите објекти на градинката „Јасна Ристеска“, а обезбеден е и персонал. Интересот е многу голем. Директорката ги замолува сите родители кои сакаат да го запишат своето дете во оваа предшколска установа, а во моментов нема слободно место, да се потрпеливи, да се создадат услови во градинката, за да се примат и нивните деца.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top