Пензионерите до крајот на овој месец треба да ги добијат дрвата

Пензионерите кои се снабдуваат со огревно дрво преку Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца до крајот на овој месец треба да ги добијат дрвата. Од здружението велат дека нема простор за некаков сомнеж дека дрвата нема да бидат навреме доставени. Дрва има доволно за сите кои зимава ќе се греат со нив. Ова го потврдуваат и од Шумското стопанство „Галичица“.

 |  Јаковлева Лионела  | 

 

Дел од пензионерите кои се снабдуваат со огревно дрво преку Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца стравуваат оваа зима да не останат без дрва. Велат дека минатата година поради недостиг на огревно дрво не им стигнале нарачките па биле принудени да се снаоѓаат како знаат и умеат. Од здружението смируваат дека тоа нема да се случи оваа година бидејќи дрва има доволно за сите. Додаваат дека најголемиот дел од пензионерите кои купуваат дрва преку Здружението на пензионери веќе се снабдени. До крајов на месецов треба сите да го добијат огревното дрво, но доколку ги имаат исплатено сите рати. На пензионерите дадена им е можност за плаќање на осум до десет рати.

Има едно недоразбирање кај некои пензионери кои платиле само една рата или две и сакаат да ги добијат дрвата. Тоа не може. Мора да бидат исплатени сите рати па за да се добијат дрвата. Ние немаме некој посебен фонд или средства со кои би ги покриле ратите. Затоа самите пензионери треба да бидат редовни во плаќањето за да можат навреме да си ги добијат дрвата, објаснува претседателот на Здружението на пензионери на Охрид и Дебрца, Ѓорги Трпчевски.

Од октомври започнува запишувањето за плаќање на рати за наредната година. Трпчевски објаснува дека ова е големо олеснување за буџетот на пензионерите бидејќи не мораат наеднаш да платат поголема сума пари за набавка на дрва. Охридското здружение на пензионери има склучено договор со шумското стопанство „Галичица“ и од таму го набавуваат дрвото. Претежно се бара даб и бука. Од оваа година новина е што здружението има склучено договор и со превозниците кои треба да ги дистрибуираат дрвата од шума до домовите на потрошувачите. Од нив зависи колку брзо ќе бидат доставени дрвата до пензионерите.

Постои една скепса но да се надеваме дека нема да бидеме изневерени бидејќи со превозниците имаме склучено договори и притискаме пензионерите што побрзо да се снабдат со огревно дрво, вели Трпчевски.
 
Од шумското стопанство „Галичица“ велат дека на залиха има доволно дрва. Најголема побарувачка има за бука и даб. Буката чини 2370 ден. за метар кубен, а дабот 2450ден. Преку здружението на пензионери
дабот чини 2650 за метар кубен, а буката 2550ден со вклучен превоз.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top