Фрескоживописот на црквата Св. Богородица Перивлепта целосно конзервиран

Фрескоживописот на црквата Св. Богородица Перивлепта целосно конзервиран. Со тоа ќе се заштити ова непроценливо богатство од уништување поради влијанието на влагата и солите кои го нагризуваа. Овој проект се реализира со пари од американската амбасада. Со одобрениот грант беа извршени повеќе зафати во црквата и околу неа. Целокупниот проект треба да заврши до крајот на годината.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Завршува конзервацијата  на фрескоживописот во црквата Св.Богородица Перивлепта. Ова на својот твитер профил го потврди и  Американскиот амбасадор Џес Бејли  кој изрази големо задоволство од реализацијата на овој проект за  кој Амбасадата на САД во Скопје издвои средства во висина од 450.000 американски долари. Конзервацијата на фрескоживописот е само дел од проектот. Во активностите кои се одвиваа во и околу црквата, а кои траеа повеќе од три години, влегуваат и конзервацијата на архитектурата на црквата, како и на манастирската камбанарија и манастирскиот конак. Директорката на НУ „Завод и музеј“, Тања Паскали Бунташеска објаснува како постапно се одвивале зафатите. Најпрво се поставил времен заштитен кров со цел да се исуши објектот од влагата, па дури потоа се отпочнало со конзервација на архитектурата на црквата, потоа се продолжило со конзервација на фрескоживописот, континуирано се работело и на конзервација на манстирската камбанарија, а сеуште се работи на конзервација на манастирскиот конак. Активностите околу конзервација на архитектурата на црквата се завршени, а утре завршуваат и конзерваторските активности на конзервацијата на фрескоживописот.

Автентичноста е комплетно задржана, извршено е чистење на живописот од соли, извршена е комплетна конзервација и чисто се работи за конзерваторски третман кој се применува при конзервација на фрескоживопис, рече директорката на НУ „Завод и музеј“, Тања Паскали Бунташеска.

Завршена е и конзервацијата на манастирската камбанарија, а во тек е конзервацијата на манастирскиот конак. Потоа следува адаптација на тремовите на црквата кои ќе бидат користени за разни изложби за потребите на МПЦ, но и за потребите на заводот за заштита на спомениците. Со тоа ќе се комплетира овој комплекс кој има непроценлива вредност, а посебно живописот во црквата кој се смета за врвно дело на византиската архитектура. Ја изградил војсководецот Прогон Згур во 1295 година. Особено е значајна поради уникатните фрески насликани од врвните мајстори Михаил и Евтихиј. Паскали Бунташеска вели дека со оваа конзервација опасноста од негово понатамошно уништување е сведена на минимум.

Се отстранија сите елементи кои допринесуваа да се јави влага на тој живопис и да се појават соли, комплетно се исушија кровните партии од кровот, се поставија нови подлоги, нови изолации и нов кровен покривач, се поставија нови оловни опшивки како на венците помеѓу крововите така и на спојот помеѓу кровот и ѕидовите така да нема да има никакво понатамошно оштетување на фрескоживописот. Нo состојбата секако будно ќе се следи, вели Паскали Бунташеска.

Во текот на оваа година целокупниот проект ќе биде заокружен. Моментално се вршат интензивни градежни зафати на конаците кои се наоѓаат во дворот на црквата, а кои беа руинирани и во многу лоша состојба. НУ „Завод и музеј“ првично имаше план само да изврши санација на конаците, но откога се утврди дека објектот е навистина оштетен се премина кон негова целосна изградба за што е изготвено и конзерваторско одобрение.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top