Велгоштани бараат асфалт до црквата Св Никола. Сметаат дека тоа ќе оди во прилог на развој на селскиот туризам кој се погласно се промовира. Но засега останува само желбата на месното население, бидејќи ниту градската ниту централната власт не покажувале интерес да направат нешто, како што велат од Месната заедница на ова село.
Во Велгошти, охридско на 1100 метри надморска височина се наоѓа црквата Св Никола. Подзаскриена во шумски предел и густата вегетација, овој Божји храм има свои конаци, камбанарија, но за жал патот кој води до неа сеуште не е асфалтиран. Месното население кажува дека ова извонредно место е магнет за туристи, кои имаат што да видат, да одморат, дури и да вкусат пастрмка од рибникот на црквата.
„Тој пат долго го бараме, Велгошти и велгоштани сакаат да се асфалтира. Ние дури имаме доставено барање до пратениците, се обративме и до Локалната, и за жал досега немаме никаква реакција од нивна страна. Ни кажуваат дека биле дадени пари, кои некогаш тие пари биле искористени, тоа нас не ни е важно, сметаме дека кога може да се асфалтира насекаде дури и во Велестово за незнам кој…а тука со тој пат го држите цело село..и без оглед на тоа во име на развој на туризмот бидејќи сега се оди кон развој на селски туризам, а поубаво место од локалитетот на црквата Св Никола нема да најдете“ .
Чингоски посебно ја нагласи големата грижа и одговорност на Црковниот одбор, кои посветено работат на одржување на црквите кои се во нивната месна заедница. Но смета дека и градската и централната власт треба да помогнат.
„Овде се работи за пат од некаде 1600 метри, широк околу три метри и тој би бил идеален пат како планинско и туристичко место да ги покрие и овој дел на нашите манастири што се најголемо богатство во Велгошти. Знаете вие ние имаме градови и места каде што големи патишта се прават до тие манастири и осамени места, а овде за жал цело Велгошти е заинтересирано за тој пат, години наназад се прави тој пат…дојди една власт го прави…дојди друга го прави…а нашиот пат за жал останува така како што е“.
Како што нагласи Чингоски, од Локалната самоуправа во неколку наврати им кажале дека не можат да го асфалтираат тој пат, најверојатно од финансиски причини, што пак Чингоски смета дека и не се работи за голема инвестиција бидејќи патот до црквата веќе бил обележан и посипан со чакал. Инаку, црквата Св Никола се наоѓа на планината Габреш, тука се и изворите, од тука може да се оди до Летница има и пешачки патеки и слободно може да прерасне во излетничко место, вели Чингоски, но без пристапен пат сето тоа е само желба на велгоштани.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град