Не стивнуваат реакциите на граѓаните за дрвата кои се сечат на потегот од бараките на АД „Трудбеник“ до „Билјанини извори“ каде е предвидено да се прави пешачка и велосипедска патека. Тие велат дека наголемо се уништува зеленилото во градов. Од Локалната самоуправа смируваат дека дрвата кои се сечат се оние кои биле стари и трули, а брезите и врбите кои се дел од дрворедот на овој потег ќе останат и понатаму.
Изградбата на современа пешачка и велосипедска патека, на потегот од бараките на АД „Трудбеник“ до „Билјанини извори“ ги разбранува страстите кај охриѓани, а и кај гостите кои долги години доаѓаат во градов и шетаат покрај каналот. Тие ја поздравуваат иницијативата на Локалната да го уреди овој простор, но негодуваат за дрвата кои таму се исекоа и сеуште се сечат.
Портпаролот на локалната самоуправа Томе Џамтоски смирува дека дрвата кои се сечат се оние кои биле стари и трули , а брезите и врбите кои се дел од дрворедот на овој потег ќе останат и понатаму да го разубавуваат и да им прават сенка на оние кои ќе се шетаат по оваа патека.
Реакциите нема да престанат и тоа е сосема нормално и за очекување. Но уште еднаш ќе повторам дека се се работи според предвидениот проект и според строги критериуми зацртани од секторот за екологија. Сите дрва кои можат да се вклопат во проектот ќе останат и нема да се сечат, тврди Џамтоски.
Инаку според планот патеката треба да биде направена од природни материјали како што се камени плочи и дрво, а ќе има и атрактивни содржини како што се мали мостови од дрвена конструкција кои ќе се протегаат од пешачката патека до малиот канал и ќе се поврзуваат со спортско рекреативниот центар „Билјанини извори“. Ќе се исчисти и малиот канал , ќе се постават платформи кои ќе се дрвени и ќе служат за пристапување на пловните објекти и неколку видиковци.
Делот од патеката кој ќе го прави Локалната е долг 346 метри, а целокупната патека до ресторанот Котва изнесува 560 метри. Вкупниот проект чини околу 20 милиони денари, а ќе биде финансиран со пари од општината. Овој дел од патеката треба да биде направена до средината на есента, а наредната година планирано е да се прави и делот до ресторанот Котва.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град