Климатските услови закана за органското производство на мед

Климатските услови закана за органското производство на мед. Природниот мед се помалку го има на пазарот. Во Охрид втора година по ред се одржуваат деновите на медот, каде на едно место има одлична понуда на мед и пчелни производи, добиени по природен пат. Манифестацијата ќе трае до 8 ми август.

 |  Николоска Биљана  | 

Природниот, црн мед, карактеристичен за охридското поднебје. Тој е незаменлив по вкус, квалитет и е здрав производ. Во народот се вели кој купува мед купува здравје, бидејќи медот се смета за моќно средство за подобрување на имунитетот. Охридскиот пчелар Горан Блажевски, со пчеларење се занимава повеќе од една деценија. Тој има 137 сандаци со пчели, тајна која ретко можете да ја чуете од пчелар, сместени во охридскот село Опеница, место кое изобилува со доволно вода и разни билки. Следејќи ја семејната традиција Блажевски во ниту еден момент не се покајал што одгледува пчели.

 „Од медот нема нешто подобро за човековото здравје, тој е еликсир на младоста, медот е храна и лек и лек и храна. Љубовта ми се роди од мојата 10 та година, мојот родител чуваше пчели, исто и дедо и прадедо. Четири поколенија наназад мојата фамилија чувале пчели. Секој си има своја технологија на пчеларење, мислам пред се на еден вид натпревар кој повеќе ќе извади мед, кој повеќе знае за производство на матици, роеви, восок, прополис матичен млеч и многу други пчелни производи“ – вели Блажевски.

Синоќа на плоштадот „Крушевска Република“ започнаа деновите на мед во организација на Пчеларското Здружение „Охрид“ од Охрид. Тони Јосифоски претседателот на здружението, истакна дека саемите од ваков карактер се одлична можност потрошувачите да го вкусат природниот мед, да го препознаат природното од индустриското производство, но и да им укажат од каде треба да се купува медот.

„Тоа е факт дека медот кој се нуди по пазарите е индустриски. Само потрошувачите се слабо едуцирани. Единствен мед што можат да го конзумираат за своите потреби е да го купат од пчеларите, другото се е индустриски. Годинава значајно се намалени приносите на мед за тоа допринесоа временските неприлики, мислам дека годинава природниот мед ќе има добра цена од 400 – 500 денари, но и пазарите ќе бидат преполни со фалсификат“ – изјави Јосифоски.

На штандовите посебно забележителни беа пчелните преработки и производи од „Апимел“. Средства кои влијаат врз подобрување на метаболизмот, како што појаснува Наум Трпчески од оваа компанија. Тој вели дека производите на Др Бачев се застапени низ цела Македонија, дури и во Косово, а од наредната година очекуваат дека ќе се застапени и во Бугарија.

Природниот мед можат да го конзумираат дури и дијабетичари, но ако е природен и во мали количини, доколку е вештачки тоа е штетно. Водечки бренд ни е „Про Анги“ кој е наменет за гнојна ангина и дезинфекција на дишните патишта, имаме препарати кој помагаат при желудечна киселина, гастритис, за подигнување на имунитетот имаме 5 детски призводи кои не предизвикуваат штетно дејство и предозирање. Имаме и козметика во моментов актуелен производ ни е пигмент плус масло за сончање единствено масло кое не содржи заштитен фактор но влијае врз лачењето на меланин“ – појаснува Трпчески.

Медот и пчелните производи се повеќесе на удар на глобалното затоплување. Временските услови со долги сушни или влажни периоди проследени со силен ветар, годинава ги намалија произведените количини, забележуваат охридските пчелари. Тие посочија дека во органското производство, три пати биле помали количините на мед, а три пати поголеми трошоците за разлика од конвенционалното производство.

 

 

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top